Спасовски на Третата конференција во рамки на Сараевскиот миграциски дијалог: Добрата соработка со земјите од Западен Балкан и партнерите од ЕУ е клуч за успех во регионот

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Денеска (08.06.2023) во Јахорина, Босна и Херцеговина, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше со свое обраќање на Третата конференција во рамки на Сараевскиот миграциски дијалог во рамки на министерската сесија на тема „Унапредување на Декларацијата од Скопје за одржливо управување со миграцијата во Западен Балкан“, во организација на Меѓународната организација за миграции (ИОМ).

Истакнувајќи дека трите заложби од Декларацијата од Скопје доведоа до усвојување на Акцискиот план за Одржливо управување со миграцијата во Западен Балкан, министерот Спасовски информираше: „Имено, eфективното управување со границите и спречувањето на криумчарењето мигранти долж „Западно-балканската рута“ е еден од главните приоритети на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија. Криумчарењето на мигранти и изминатата година беше актуелна закана поради притисокот кој е присутен на границите од илегални преминувања од страна на лица од земјите од Блискиот Исток, Азија и Африка. Поврзаноста помеѓу Источно-медитеранската рута и Западен Балкан е рута од висок ризик, бидејќи Турција и Грција сѐ уште се бројат голем број на мигранти на своите територии”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека со цел зајакнување на соработката со земјите на ЕУ, а особено со земјите од регионот во сузбивањето на организирани криминални групи со меѓународен карактер, Министерството за внатрешни работи учествува во Работната група за Западен Балкан, во неколку аналитички работни досиеа на Европол, како и во специјална работна група за сузбивање криумчарање мигранти на Интерпол. Дополнително, оваа година Националната единица е солидер, заедно со Шпанија во оперативна активност за сузбивање криумчарење на кубански и индиски државјани, а учествува и во Оперативните акциски планови на ЕМПАКТ за 2022 и 2023 за криумчарење мигранти.

Говорејќи за „Работењето кон холистички пристап за управување со враќањето“, Спасовски нагласи дека механизмите за одржливо враќање и реинтеграција на лицата во нивните земји на потекло се важни аспекти на управувањето со миграцијата и во исто време области со сериозни предизвици, особено заради неможноста дел од нелегалните мигранти ефикасно да се вратат во нивните земји на потекло.

„Недостатокот на договори за реадмисија потпишани со релевантните земји на потекло, како и неможноста да се утврди нивниот идентитет и по официјален пат да се извршат соодветни проверки со надлежните служби во нивните матични земји останува еден од главните проблеми со кои се соочуваме.

Оттука се јавува и потребата за идентификација на нелегалните мигранти како прв и најважен чекор во процесот на враќање кој треба да биде проследен со регистрација за да се има подобар преглед на миграциските движења”, рече министерот Спасовски додавајќи дека Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија прави напори за склучување на договори за реадмисија со земјите на потекло, а врз основа на профилите на нелегални мигранти кои влегуваат во Северна Македонија во изминатите неколку години, приоритетни земји на потекло во контекст на враќањето за властите во земјата се Бангладеш и Пакистан. Во однос на за подигањето на свеста за потпомогнато доброволно враќање како хуман, ефективен и одржлив начин за враќање на нелегалните мигранти, Спасовски изрази увереност дека промоцијата на потпомогнато доброволно враќање и програмите за реинтеграција можат значително да ја зголемат стапката на враќање.

„Од овој аспект, Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и натаму ќе се залага за развој на капацитети за потпомогнато доброволно враќање и реинтеграција но ќе презема и напори за зајакнување на националните капацитети за подготовка и спроведување на присилно враќање кое не може да биде исклучено како механизам на заштита од нелегалните мигранти”, рече Спасовски.

На крајот од своето обраќање Спасовски го истакна фактот дека добрата соработка, редовната комуникација, координацијата и размената на искуства со другите колеги од земјите од Западен Балкан и релевантните партнери од ЕУ и други партнерски организации во однос на враќањата и реинтеграцијата се од непроценлива важност и клучот на успехот за целиот регион.

„Затоа, би сакал уште една да ги потврдам овие заложби и да повикам кон нивно интензивирање бидејќи тоа е правилниот пат напред. Големата поддршка која ни се пружа треба максимално да ја искористиме и да ја претвориме во нешто вистинско и опипливо. Верувам дека Акцискиот план е одличен индикатор и почеток за тоа. Ние, како Министерство за внатрешни работи на Република Северна Македонија го поздравуваме и поддржуваме усвојувањето на Акцискиот план за одржливо управување со миграцијата и се залагаме за негово унапредување во иднина”, истакна министерот Спасовски.

Share This Article