Кривична пријава против група лица кои меѓусебно се поврзани со дојавите за бомбите во училиштата низ Македонија најави министерот за внатрешни Оливер Спасовски. Во интервју за Радио Слободна Европа тој потврди дека освен кривичната за еден малолетник ќе следува и друга пријава за тероризам.
– Ние само ја детектиравме таа криминална група која се занимаваше со ваквите дојави, за голем дел од дојавите за поголем временски период и за повеќе институции во коишто беа дојавите. Секако дека постои и другата тенденција, а тоа се геостратешките интереси коишто се испреплетуваат во државата – вели Спасовски.
Според министерот има сериозен напредок и се добиваат податоци и информации во истрагите за сите институции каде имаше хибридни напади, а дека биле потребни време и меѓународна правна помош за да се обезбедат информациите.
Освен во училиштата дојави за бомби имаше и на скопскиот аеродром, во спортски сали, трговски центри, јавни институции и на други јавни локации.