Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска предупреди дека секоја испорака на оружје за Украина истовремено станува легитимна мета за руската армија. Шефот на руската дипломатија уште нагласи и дека испорака на советските системи С-300 од други држави за Украина е незаконска и Москва тоа ќе го спречи.
„Јасно ставивме до знаење дека сите испораки што стигнуваат во Украина, за кои сметаме дека се оружје, ќе бидат легитимни цели за гаѓање“, ја пренесуваат изјавата на Лавров руските медиуми.
Словачка искажа подготвеност на Украина да ѝ ги испорача своите ракетни системи С-300, во замена за воена техника од САД или НАТО сојузниците.
– Сакам да ги потсетам земјите кои воопшто и ги разгледуваат таквите идеи – советското оружје таму се наоѓа исклучиво во согласност со меѓувладини договори што имаат одредени сертификати за употреба. Токму тие сертификати забрануваат употреба на тоа оружје во трети земји. Морам да додадам дека ние нема да дозволиме тоа да се случи – нагласува Лавров.
Инаку, шефот на руската дипломатија нагласи дека Русија ќе ги преживее санкциите, дека денес може да смета само на себе и оттаму нема повеќе илузии кон Запад.
– Мерките што ги спроведува Претседателот и Владата постепено се објавуваат. Тоа е само почеток на корекциите во нашиот економскиот курс за биде оспособен за околностите. Од 2014 година наваму стекнавме искуство што ни покажа дека можеме да сметаме само на сопствените сили и тоа е најважната историска лекција од тој период – рече Лавров.