Да ги подготвиме сите ресурси на државата за максимално производство на сопствена енергија, ќе биде целта на Владата во претстојниот период, соопшти премиерот Димитар Ковачевски по завршување на седницата Советот за безбедност.
Како што рече Ковачевски, ова е одлуката од денешната седница на Советот што ја поддржале сите присутни, а целта е во најтешкиот период кој почнува на 1 октовмри и ќе трае до април 2023 година па и понатаму, до почетокот на летото, на сите граѓани, ученици, студенти, средни, мали и микро бизниси да им се обезбеди најниска можна цена на струјата, како и снабдување со топлинска енергија по сегашната цена со задржување на евтината тарифа и 24-часовна достапност.
Ковачевски напомена дека планот за производство на ЕСМ годинава ќе се зголеми за 25 отсто. Постојат, додаде, и ризици поради можни испади заради застареност на опремата во некои блокови стари по 45 – 50 години, но и во однос на цените во светски рамки, евентуални забрани за извоз на природен гас и други суровини за производство на електрична енергија.
Овој план, подвлече Ковачевски, е за да нема рестрикции.
– Оваа есен, зима, следната пролет се најтешки во повоената македонска држава и ние тоа ќе го пребродиме заедно. Планот е договорен, денеска презентиран и во претстојниот период, но и веќе се работи на негова реализација. Се работи и на нов енергетски план за следната пролет, како и на план за максимално зголемување на производството на храна. За ова што е случува се подготвуваме и сме подготвени, истакна премиерот.
Претходно ,претседателот на државата Стево Пендаровски нагласи дека го свикал Советот за безбедност зашто сметал дека е важно да се слушнат сите надлежни за темата што ги засега сите.
– Не е тајна дека не очекува тешка зима. По пандемијата сега сме соочени со голема енергетска и економска криза. Премиерот и членовите на Владата информираа за анализите и проекциите за претстојната сеозна, за чекорите кои досега се преземаа во однос на ескалирањето на цената на струјата, како и за мерките што ќе се поддржат за поддршка на домаќинствата и бизнис секторот – рече Пендаровски.
Седницата се одржа во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, а на неа, покрај членовите на Советот за безбедност, присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања, координацијата на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, како и министрите за финансии, Фатмир Бесими и за економија, Крешник Бектеши.