Елвис Хоџа, советник на косовскиот премиер Албин Курти, смета дека ако меѓународниот фактор во рамките на дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, инсистира на формирање на заедницата на српските општини во Косово, тогаш тоа ќе поттикне слични барања и кај други заедници во регионот.
„Според Движењето Унитети, ова е мапата на заедницата на општините со албанско население во Северна Македонија. Оваа мапа станува актуелна по инсистирањето на (Габриел) Ескобар“, пишува Хоџа на неговиот Фејсбук профил.
Елвис Хоџа е од Албанија и во многубројните полемики на косовската политичка сцена често се нарекува идеолог на Албин Курти.
Елвис Хоџа дипломирал филозофија на универзитетот во Париз и таму предавал политичка филозофија и естетика, но и на неколку универзитети во Тирана. Во моментов тој е извршен директор на Политичкиот институт за хумани студии со седиште во Тирана.
Коментирајќи го инсистирањето на меѓународната заедница за формирање Заедница на српски општини во Косово, тој вели:
– За последиците треба да размислат тие што предлагаат таква заедница. Затоа што 700.000 Албанци во Македонија се 14 пати повеќе од Србите во Косово.
Алијанса за Албанците, новиот коалициски партнер на СДСМ во владата на Димитар Ковачевски, неодамна безрезервно ги поддржува условите кои јавно ги изнесе премиерот на Република Косово, Албин Курти, во рамките на дијалогот Косово – Србија со посредство на Европската Унија и поддржан од САД.
Интересно е да се слушне што мислат Алијанса и другите партиите на Албанците во Македонија за размислувањата на советникот на Курти и за наводните планови со барикади на патиштата да се принуди владата во Скопје да прифати заедница на албански општини во Македонија.
Извор на Плусинфо од албанскиот политички блок вели:
– Албанците во Македонија никогаш не биле подобро политички застапени и во извршната и во локалната власт од сега. Нема никаква основа за такви неразумни барања. Мислам дека ваквите идеи и оваа реторика се само обид за подигање на влогот во дијалогот меѓу Приштина и Белград. Реално, таквите идеи во Македонија нема да наидат на плодна почва.