Ако не сакате сите млади да заминат во Европа, тогаш Европа треба да ја донесете овде, порача денеска шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, на заедничката прес-конференција со нејзиниот македонски колега Бујар Османи во Скопје.
– Сакам да ја изразам мојата почит и признание колку досега Северна Македонија консеквентно чекореше по европскиот пат. Знаеме какви компромиси и отстапки Вие направивте за сево ова, поаѓајќи од промената на името на земјата, па се до постигнувањето на согласност за промената на Уставот минатото лето. Знам дека договорот што го постигнавте со Бугарија не беше лесен за вас и затоа им се обраќам на сите оние луѓе кои сè уште чувствуваат некаква нелагодност во однос на тоа. Уставот не е нешто што се менува постојано, туку тоа се важни чекори и затоа и можам да разберам дека се дебатира за тоа – особено кога станува збор за сопствениот идентитет и сопствената историја, јазик и култура – рече Бербок.
Според неа, затоа е многу важно „во вакви моменти кога станува збор за сопствениот идентитет да не се водат црно-бели дебати, туку да се зборува поинаку во политиката“.
– Важно и значајно беше што Вие го трасиравте овој пат особено во однос на посебните предизвици. Со оваа храбра политичка одлука можат пристапните преговори официјално да започнат и Вие со оваа политичка одлука и политички капитал испративте јасен сигнал до целиот регион – го сакаме приемот во ЕУ и ќе направиме сè што е неопходно за тоа. Кога станува збор за спроведување на договореното и кога навистина мора да се промени Уставот, тогаш можам само да ве охрабрам – искористете ги сите расположливи средства процесот да продолжи во наредните месеци, да не се случи да не успеете на оваа клучна пречка – нагласи Бербок.
Договорената промена на Уставот, истакна Бербок, не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите или натпреварот во тоа која партија на крајот на изборите би можела да има некаква предност.
– Демократијата е понекогаш напорна, но мислам дека ние доживеавме дека овие напори коишто стопати се изразуваат во компромиси дека секој нешто мора да даде, никој не може да се наметне со стопроцентна замисла во овие компромиси, овие демократски компромиси вредат за секој напор. Тие се најдобра заштита за тоа нашите деца во иднина да можат да живеат во мир и во слобода, без масивна зависност, без мешање од други актери кои овој мир и оваа слобода на државите, но и на луѓето, ја поткопуваат – рече Бербок.
Според неа, големите опасности за земјите, за општествата, а со тоа и за иднината на демократските држави, е тоа што младите не ја гледаат иднината во таа земја.