Сосема е сеедно каде ќе купите овошје и зеленчук – дали на пазар или во маркет – цените се високи, се жалат граѓаните

Lorita
By Lorita 10 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Сосема е сеедно каде ќе купите овошје и зеленчук – дали на пазар или во маркет – цените се високи, се жалат граѓаните.

Тие велат дека во овој период кога има најголема понуда на домашен зеленчук цените се како во февруари кога се увезува.

Високите цени на зеленчукот и овошјето ги потврди и статистика која измери дека во јули цените на овошјето се зголемиле за 17,7%, а на зеленчукот за 21,5% во однос на ланскиот јули.

Земјоделците велат дека годинава цените се високи бидејќи климата го преполови родот, а површините беа намалени бидејќи нема кој да работи на нивите. Дополнително, нема редовна и строга контрола на цените и како тие се формираат од производителот до зелените пазари, па најчесто со маржите кои ги определуваат сами пазарџиите цената се зголемува за 100% до 150% од производителот до трпезата на граѓаните.

Граѓаните се жалат дека поради високите цени се принудени да купуваат овошје и зеленчук на парче или да купат неквалитетно.

– Човек веќе не знае каде да пазари. На зелените пазари изгор се цените, а и во маркетите не е поевтино. Ако сакаш поквалитетен производ ќе треба да платиш и висока цена или ќе купиш на парче колку да пробаш. Затоа треба да се задоволиме со оној со понизок квалитет. Ако сега во екот на сезоната ни продаваат по вакви цени, не се осмелувам да замислам колку ќе бидат цените во септември кога правиме зимници. Наесен ќе се соочиме со уште поголема скапотија, а најавија и повисоки цени со покачување и на ДДВ-то, а за парното уште не знаеме колку ќе плаќаме. Тешко ќе живееме во следниот период – вели скопјанка.

Земјоделците се согласуваат дека цените на зеленчукот и овошјето се повисоки, но велат, тоа е резултат на намаленото производство предизвикано од временските услови и намалените површини под зеленчук.

– Моментално откупната цена на пиперот во Струмица е 40 денари, а на доматот 50 денари за килограм. Оваа цена е резултат на намаленото производство предизвикано од климатските услови, но и како резултат на намалените површини под овие култури. Нема кој да работи на нивите веќе. Младите заминаа, а оние кои работат во просек се на 60 години. Може да се очекува следната година да има уште помало производство, ако нешто не се преземе во однос на обнова на работната рака, а тоа ќе значи и дека ќе имаме и поскапо производство и повисоки цени – вели Ристо Велков од Синдикатот на земјоделци од овој град.

Според него, годинава како и во изминатите години најголем ќар од продажбата на зеленчук имаат продавачите на мало кои цените ги формираат според своја пресметка.

- Advertisement -
Ad image

– Нашата цена е онаа на откупувачите – продавачи на големо кои ја формираат цената според одредени критериуми, а продавачите на мало заработуваат најмногу од нашето производство бидејќи ја зголемуваат цената од 10% до 100% и со тие цени излегуваат на пазар пред граѓаните – додава тој.

Споредбите на цените на пиперот и доматот на пазарите на големо и на мало го покажуваат овој факт. Според податоците на земјоделско пазарниот систем на Министерството за земјоделство во јули просечните најзастапени цени на пиперот на кванташки пазар биле 47,50 денари за килограм, но на зелените пазари во земјава просечната цена се движела од 47,14 денари за килограм на велешкиот пазар до 110 денари на пазарот во Струга.

Во Скопје, зависно од пазарот, цената достигнува и до 170 денари. Доматите во јули достигнале просечна цена од 45 денари на пазарот на големо, но на зелените пазари таа се движела од 45 денари во Дебар до 80 денари во Крива Паланка. На скопските пазари цената на овој зеленчук оди од 65 до 80 денари за килограм.

- Advertisement -
Ad image

И цените на овошјето актуелно за овој период од годината се високи. Лубеницата се продава по 30 до 40 денари килограм. Дињата достигна цена од 60 до 100 денари на зелените пазари, а на кванташки просечна цена во јули ѝ била 50 денари за килограм. Слично е и со кајсиите, праските и другите овошки. Кајсиите достигнуваат просечна цена и од 100 денари за килограм. Црешите достигаат и до 200 денари за килограм во некои градови во земјава, а праските и до 130 денари за килограм.

Пазарџиите велат дека цените се високи бидејќи и тие имаат високи трошоци.

– Треба да се плати за користење на тезгата, но и за транспорт на производите. Мора да пресметаме и за нашата работа и да имаме некаков приход. Годинава и земјоделците ни ги нудат пиперот и доматите и сите други производи по повисока цена. Ако набавиме од кванташки пазар цената е уште повисока бидејќи и тие имаат свои давачки да го купат и донесат до Скопје зеленчукот – вели пазарџија.

Цветан Трипуновски, претседател на Комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ вели дека веќе е доцна за гаснење на пожарот кој ги предизвика високите цени на земјоделското производство.

– Она што не го направија институциите во изминатиот период се одрази во намалување на површините со градинарски култури. Несигурноста на земјоделците дека она што ќе го произведат ќе им се исплати ги преполови и површините и земјоделците кои останаа да произведуваат. Во изминатиот период на овој сектор многу малку му се помогна-нафтата беше скапа, не се ѓубривата исто така беа скапи како и семенскиот материјал и заштитните средства. Дополнително и климатските промени придонесоа за намалување на производството, а побарувачката остана иста. Затоа сега сме сведоци на празни ниви и високи цени на зеленчукот и овошјето. во струмичко, на пример, моментално скоро и да нема бостан. тоа значи цената уште ќе расте, а ќе расте и за другите производи кај кои се намалени површините, а на  пазарот  има иста или згоемена побарувачка – вели Трипуновски.

Според него, и недоволната контрола на цените на земјоделските производи кои се откупуваат ниско, а со маржите достигнуваат цена повисока за 100 до 150% само придонесува граѓаните да купуваат скапи производи, а земјоделците да бидат незадоволни бидејќи не можат да заработат од производството.

– Сето тоа и новиот систем на субвенции кој е поврзан со предаден производ дополнително ќе го намалат земјоделското производство. Земјоделците губат интерес за работа на нивите бидејќи ништо и никој не им гарантира дека ќе добијат реална откупна цена и заработка од работењето – додава Трипуновски.

Тој додава дека состојбата треба да се смени за да се вратат земјоделците на нивите, а државата да има сопствено производство.

Есенва граѓаните ги очекува нов пораст на цените на прехранбените производи и на овошјето и зеленчукот, бидеќи дел од производителите поради повисоки трошоци најавија повисоки цени, а земјодлеските производи ќе имаат повисока цена и поради повисоката потрошувачка, а малото производство. Нови повисоки цени се најавуваат и за други прехранбени производи во чие производство се пресметуваат и повисоки трошоци за транспорт поради цените на горивата, но и поради најавеното зголемување на ДДВ-то за одделни производи.

Анализите на експерти од повеќе земји велат дека цените на храната нема да паѓаат и во изминатиот период, а сето тоа ќе влијае и на инфлацијата кој од почетокот на војната во Украина тешко се одржува на задоволително ниво.

И Агенцијата за храна на обединетите нации ФАО веќе објави дека глобалните цени на прехранбените артикли пораснаа во јули, под влијание на прекинот на Црноморската иницијатива за безбеден транспорт на жито од три украински пристаништа на Црното Море, како и поради новите трговски ограничувања за оризот

„Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните промени во меѓународните цени на прехранбените производи со кои се тргува на глобално ниво, просечно изнесуваше 123,9 поени во јули, што е за 1,3% повеќе од претходниот месец, додека 11,8 отсто под нивото од јули 2022 година“, соопшти ФАО.

Share This Article