Владата на денешната седница усвои повеќе извештаи за завршени преговори и утврдени текст-документи во рамки на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, а кои ќе бидат финиширани за време на посетата на владината делегација во Белград по повод одржувањето на Саемот на храна и вино, од 1-4 септември, соопшти владината прес-служба.
Иницијативата има за цел развивање на меѓусебната соработка на земјите потписнички, поттикнување на економскиот раст, мобилноста и промоцијата на туризмот, како и со цел забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан.
Во оваа насока, денеска, беше усвоен Извештајот за завршени преговори за склучување на Договор за соработка во областа на механизмите за обезбеденост со храна во Западен Балкан и беше прифатен текстот на Договорот.
Договорот предвидува превенирање на недостаток од основните земјоделско-прехранбени производи на пазарите на учесниците во иницијативата „Отворен Балкан“, за обезбедување на благосостојба на граѓаните во регионот на Западен Балкан, почитувајќи го принципот на солидарност, како еден од основните принципи на оваа Иницијатива.
Се предвидува зајакнување на регионалната соработка и помош меѓу учесниците на Иницијативата во случај на прекин на синџирите на снабдување, како последица од глобалната криза, кога една од страните се соочува со недостиг во снабдувањето на домашниот пазар со основни земјоделско-прехранбени производи, како: пченка, пченица и наполица, брашно од пченица и наполица, млеко и млечни производи, бел шеќер во цврста форма, масло и семе од сончоглед, теста, варени, неварени или полнети, јарма од жита, гриз и пелети, свежо и замрзнато овошје и зеленчук и месо и преработено месо.
Страните се согласни дека нема да има забрани за тргување реекспорт во трети земји на основните земјоделско-прехранбени производи меѓу членките на иницијативата „Отворен Балкан“ и од влегување во сила на Договорот страните ќе ги укинат сите квантитативни ограничувања и мерки со еквивалентен ефект на увозот на основните земјоделско-прехранбени производи наведени во Договорот.
Страните се согласуваат дека нивните надлежни органи ќе работат заедно за да развијат Патоказ/ Акциски план – 2030 за обезбеденост со храна во рамки на Иницијативата „Отворен Балкан“.
Документот се однесува на прашањата за обезбеденост со храната во Западен Балкан во рамки на „Отворен Балкан“, како што е идентификување на ризиците и предизвиците за обезбеденост со храната, со фокус на: справување со ефектите од климатските промени (суша, поплави, пожари, итн.), дигитализација и иновации во прехранбената индустрија и одржливост во производството на храна во регионот и синџири на вредности во земјоделско –прехранбената област.
Од областа на културата, а во рамки на „Отворен Балкан“, на седницата беше прифатен и Извештајот за завршени преговори со усогласен текст на Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности во Западен Балкан.
Меморандумот ќе придонесе во зајакнувањето и проширувањето на регионалната соработка во филмската дејност меѓу земјите од Западен Балкан, ќе ја олесни институционалната соработка на сродните институции од областа на кинематографијата и ќе го олесни спроведувањето на проекти и иницијативи во оваа област.
Имајќи ја предвид досегашната успешна билатерална соработка во сферата на цивилната заштита помеѓу Албанија, Северна Македонија и Србија, учеството во рамките на Регионалната иницијатива за подготвеност и справување со катастрофи на Југоисточна Европа, како и членството во Механизмот за цивилна заштита на Унијата, денеска беше разгледана и усвоена и Информација за усвојување на Оперативен План во областа на цивилната заштита помеѓу овие три земји во рамките на Иницијативата „Отворен Балкан“.
Оперативниот план, кој се потпишува помеѓу институциите одговорни за цивилна заштита и заштита и спасување на населението при катастрофи, ќе овозможи олеснување на процедурите и скратување на времето потребно за распоредување помош онаму каде е најпотребна, како и интензивирање на соработката во превенцијата и намалувањето на ризиците од катастрофи.