Кратко траеше љубовта меѓу Град Скопје, ЈСП „Скопје“ и приватните превозници, бидејќи, како што дознава Плусинфо, јавното претпријатие не ја врши исплатата според договорената динамика. На приватниците им доцни исплатата за јуни, јули и за август. Авансот не се дава редовно, па поради тоа дел од нив најавуваат повторен штрајк доколку не се намират сметките.
Сопственик на приватен автобус во неформален разговор за Плусинфо признава дека повторно е закочена исплатата и дека веќе цели три месеци не им е исплатен ниту еден денар на сметката.
– Јас сум сопственик на приватен автобус и можам да кажам дека повторно започнаа проблемите со исплатата на парите од страна на ЈСП. Веќе ни доцнат повеќе од 3 месеци, а никој не ни кажува во што е проблемот. Ова е неприфатливо и неодговорно од ЈСП, кое е јавно претпријатие и треба да ги почитува своите обврски кон приватните превозници. Ние сме во многу тешка финансиска ситуација поради оваа задоцнета исплата. Имаме трошоци за гориво, сервис на возилата, осигурување, плата за возачите и за други работници. Ние не можеме да работиме без пари. Не можеме да ги задоволиме ниту своите потреби, ниту потребите на патниците, кои заслужуваат квалитетен и безбеден превоз – ни изјави тој.
Сопственикот истакна дека во моментов бараат од ЈСП да им ги исплати сите пари што е можно поскоро.
– Ако не го направат тоа, ние ќе бидеме принудени да престанеме со работа и повторно да штрајкуваме. Навистина не сакаме да дојде до тоа, бидејќи тоа би значело уште поголем хаос и незадоволство во јавниот превоз. Сакаме да работиме во партнерство со ЈСП „Скопје“ и да обезбедиме добар сервис за граѓаните, но за тоа треба да имаме фер и редовна исплата – ни изјави тој.
Членот на новото координативно тело на приватните превозници Јовица Зафировски за Плусинфо вели дека динамиката на исплаќање се одвива според договореното.
– Тој што ви ја дал таа конкретна информација нека ви даде изјава и нека ја сподели со јавноста. Немам што да ви кажам во моментов ништо конкретно, како мислите така споделете. Јас можам само да ви кажам дека во моментов не постојат посериозни проблеми – ни рече Зафировски.
Тој потенцираше дека динамиката на договорените исплаќања, како и договорениот аванс, кои беа утврдени по средбата со градоначалничката Данела Арсовска и ЈСП „Скопје“ во март, се одвиваат во најдобар ред.
Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа главниот град. Во меѓувреме, градските власти ги отфрлаа наводите дека им должат пари, но инспекцискиот надзор покажа дека Град Скопје не е во право.
Во декември Градот објави два јавни повика за вкупно пет линии, но тие повици пропаднаа затоа што никој не се пријави.
Приватните автобуски превозници во март оваа година објавија дека повторно ќе бидат дел од јавниот превоз во главниот град, откако се договориле со градоначалничката Арсовска да им го исплати долгот од 1,5 милиони евра, за кој таа тврдеше дека е резултат на криминал на превозниците и дека станува збор за доспеани обврски.
Во април на веб-страницата на Градот беше објавен трет нов оглас, со идентични услови како и претходниот. Се бараа превозници за линиите со број 9, 11, 11А, 12, 19, 20, 22, 23, 45, 47А, 52, 54, 55, 61, 63 и 73. За овие линии беа потребни 115 автобуси и 245 возачи. Огласот беше отворен до 24 април.
По неколкумесечни натегања кон крајот на мај приватните автобуски превозници конечно се вклучија во сообраќај, со што се зголеми бројот на возила во јавниот градски превоз.
– Со враќањето на приватните превозници во сообраќај очекуваме да се намали метежот во Скопје, а воедно граѓаните повеќе нема да чекаат со часови на автобуските постојки – изјавија тогаш од Град Скопје.
Оттаму тогаш информираа градоначалничката Арсовска ги потпишала решенијата по огласот за доделување пакет-линии за вклучување на приватните превозници во јавниот градскиот превоз.