Откако започна делумната мобилизација во Русија, многу воено способни мажи побегнаа во странство за да избегнат да бидат повикани во војната против Украина. Дојче Веле истражуваше како тие тоа го доживуваат и како се снаоѓаат нивните сопруги?
Во четвртата недела од делумната мобилизација, која започна на 21 септември, рускиот претседател Владимир Путин најави дека таа наскоро ќе биде завршена. Сепак, тој не го прецизираше точниот датум. Во Москва, центрите за регрутирање оттогаш се затворени, но тие сè уште се активни во многу региони во земјата. Според официјалните податоци, во руската армија треба да бидат повикани 300.000 граѓани. Од нив, според Путин, 222.000 се веќе поканети.
Многу од мажите кои се криеја од регрутацијата од крајот на септември оттогаш ја напуштија Русија. Како се чувствуваат сопругите кои останале во Русија? ДВ разговараше со Дарија, Олга и Елена, чии имиња се променети заради нивна безбедност.
Дарија, 25 години: „Тука имате чувство дека се е во пламен“
Дарија, од Челјабинск на југоисточен Урал, до неодамна воопшто не беше заинтересирана за политика: „Не можев да се натерам да откријам што е лажна вест, а која е вистината“.
Таа ја гледала војната како катастрофа и се трудела да не размислува за тоа.
Но, кога започна делумната мобилизација, таа се плашеше за нејзиниот сопруг Алексеј. Таа ги проучувала законите и заедно со сопругот одлучила тој да ја напушти државата. Алексеј замина во Казахстан, бидејќи таму може да оди без пасош, кој го нема. Таа ги направила сите подготовки, се погрижила за документите, барала стан за сопругот и открила кој граничен премин е најдобар.
Алексеј го спроведе планот на сопругата и без проблем ја мина границата. Сега живее во главниот град на Казахстан, Астана и работи како фотограф.
– Во однос на работата, контактите и перспективите, работите таму се одвиваат уште подобро отколку во Челјабинск – вели Дарија, која работи во агенција за односи со јавноста.
Таа продолжува да му помага на својот сопруг оддалеку: преку Интернет му порачала перници, ќебе, постелнина и тенџере, а исто така испратила и пакет со зимска облека.
Во меѓувреме, Дарија побарала пасош и сака наскоро да замине кај сопругот, бидејќи се плаши да не се затворат границите: „Не сакам ни да помислам јас да останам тука, а тој е таму. Многу е тешко и тажно. Имаме одлична врска, заедно сме од 2017 година“.
Во оваа ситуација, таа е среќна што сè уште немаат деца. Сега таа се грижи само за своите родители, кои живеат во Челјабинск.
– Тие се патриоти, не можам да ги премислам, затоа што и натаму треба уште да живеат овде. Сите проблеми со кои се соочува мојот сопруг можат да се решат во Казахстан. Имате чувство дека овде се е во пламен – вели Дарија.
Олга, 32 години: „Нашиот син сè уште не разбира каде е неговиот татко“
Кога Путин нареди делумна мобилизација, Олга од Мурмаск на далечниот север веднаш помисли дека нема да застане тука и дека ќе бидат повикани сите на воена возраст. Затоа таа и нејзиниот сопруг Артјом решиле тој да ја напушти државата.
Неговото семејство не било задоволно, но не се мешале во неговата одлука. Мајката на Артјом има куќа во регионот Доњецк и сака овој регион да стане руски, но со минимални жртви. А таткото на Артјом смета дека неговиот син требало да оди во војна.
Олга му помогна на својот сопруг да организира сè што остана да се направи во Мурманск: „Моравме да разговараме со семејството и да собереме пари за патувањето. Побаравме карти, но немаше. Артјом се спакува. Зеде ранец, вреќа за спиење, топла долна облека, комплет за прва помош и храна“.
Артјом го напуштил Мурманск на 27 септември и пристигнал во Казахстан два дена подоцна. Во текот на целото патување не беше јасно дали Русија ќе ги затвори своите граници.
– Добро е што замина. Барем не сум загрижен дека ќе биде фатен и регрутиран – признава Олга.
Нејзиниот сопруг сега има дозвола за престој во Казахстан. Тој живее во Алмати со другите мажи со кои патувал и работи на отворање сопствен бизнис.
Олга и Артјом имаат четиригодишен син, а ова е нивно првото разделување на подолго. Тие продолжуваат да носат важни одлуки заедно, но сега преку месинџери. Поради лошата интернет конекција во Казахстан, ретко се можни видео повици, па затоа прават видеа.
– Нашиот син сè уште не разбира каде е неговиот татко. Кога ја гледа снимката, плаче и сака да разговара со него. Му недостига татко му – вели низ солзи Олга.
Таа го продолжува својот вообичаен живот како учителка: „Секојдневна рутина, и покрај страшните вести“.
Од една страна, таа сака да оди кај нејзиниот сопруг, но тешко и е да се откаже од својот вообичаен живот.
– Јас и мојот сопруг разговаравме за продажба на станот, но не сум подготвена. Не знам што треба да се случи за да оставам се и да си одам. Веројатно тука прво би требало да падне ракета, а потоа веројатно веднаш би побегнала – вели Олга.
Елена, 41: „Жените не можат да ја сопрат војната“
Елена е психолог, живее во Архангелск на северот на Русија. Кога започна делумната мобилизација, таа и нејзиниот сопруг одлучија тој и нивниот син да побегнат во Ерменија. Синот летово бил пуштен од војска и почнал да учи.
– Тој ќе биде меѓу првите кои ќе се мобилизираат. Не сакам да го ризикувам животот и здравјето на мојот син – вели Елена.
Кога изби војната, компанијата во која работи сопругот онлајн се пресели во Ереван, па беше јасно каде ќе се побегне. Веќе на 24 септември тие се возеле до грузиската граница. Елена во тие денови била еден вид „логистички центар“.
– Пред тоа бев во некаква депресија, но кога се појавија решенијата добив енергија – додава таа.
Нејзиниот сопруг и син успеале да ја поминат границата за еден ден. Сега се во Ереван и се навикнуваат на ерменската кујна. Таа има проблеми со трансферот на пари и сѐ уште не е јасно како нејзиниот син ќе ги продолжи студиите на руски универзитет.
И покрај разделбата, Елена сега е подобро: „Сигурни се. Лошите работи не се случуваат со нашето семејство, туку со нашата земја. Се подготвуваме за сѐ, но овие проблеми нема да не скршат, уште повеќе ќе нѐ обединат“.
Кон крајот на октомври сака да ги посети и да им донесе топла облека. Сепак, таа сѐ уште не планира да им се придружи. Таа е социјално ангажирана во Архангелск и сака да го прави тоа што е можно подолго.
За жените кои ги испраќаат своите сопрузи во војна, Елена вели: „Тие мислат дека оваа војна е нешто како Големата патриотска војна“ (Втора светска војна).
Елена верува дека жените во Русија сега се во помала опасност од мажите: „Можеме да го заземеме местото на мажите и да донесуваме одлуки кои можат да ја променат политиката на земјата. Но, жените не можат да ја запрат војната“.