Македонија слави 1160 години од Моравската мисија на светите солунски браќа Кирил и Методиј. Денешниот ден во 11 век бил избран од црквата за чествување на родоначалниците на глаголицата, на македонската и на целата словенска писменост, прогласени и за заштитници на Европа. Нивното дело ги прави рамноапостоли кои ја поставиле основата на старословенскиот јазик врз база на говорите од македонските села Сухо, Висока и Зарова околу Солун.
Татко им Лав бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија.
На повик од моравскиот кнез Ростислав, а со одобрение на византискиот цар Михаил III во 863 година браќата отишле во Моравија и таму ја распространиле православната вера, ги умножиле христијанските книги преведени на словеснки јазик и им ги дале на свештениците за да ја подучуваат младината. Подоцна на повик од папата Адријан II браќатa заминале за Рим, каде што Кирил се разболел и умрел, на 14 февруари 869 година. Во Рим бил и погребан. Тогаш Методиј се вратил во Моравија и до смртта се потруди на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените.
Еден од најдаровитите ученици на светите браќа, Климент, заедно со Наум и Ангелариј преку Белград ќе пристигне во Плиска, каде што од кнезот Борис ќе му биде понудено да учествува во промената на глаголското писмо со кирилско. Климент поради почитта спрема своите учители ќе одбие, поради што ќе биде испратен на работ од провинцијата во Охрид, каде што подоцна ќе му се придружи и Наум, и ќе ги постави основите на Охридската книжевна школа, од која потекнуваат најстарите евангелија запишани со глаголица: Зографско, Мариинско и Асеманово евангелие (сите настанати во 11 век).
Глаголицата во Охрид ќе се применува до крајот на 11 и раниот 12 век, односно уште два века по нејзината замена со кирилица во 893 година. Оттогаш па наваму, Охрид ќе израсне во еден културен и духовен центар, кој со право ќе го добие епитетот словенски Ерусалим.
Приказната за Кирил и Методиј е полна и со многу негирања од страна на германските и латинските свештеници кои не сакале старословенскиот јазик да влезе во богослужбата. Некои од учениците на Методиј биле затворани или продавани како робови.
Малку се знае за животите на браќата, кои инаку биле познати личности во империјата. Констатин бил меѓу најучените луѓе во царштината. Дури подоцна тој ќе го земе своето монашко име Кирил. За разлика од Методиј не тргнал по стапките на својот татко Лав за да стане воен стратег и советник.
Тој уште од детски и ученички години својот животен пат го насочил кон филозофијата и ученоста. Ги завршил студиите на Цариградскиот универзитет, бил библиотекар во Цариградската библиотека, а потоа кратко се замонашил. Меѓутоа, византискиот царски двор не сакал да се лиши од услугите на Константина. Тој бил наговорен да се прифати за професор по филозофија на Цариградскиот универзитет.
Првата повеќегодишна мисија на Константин Филозоф била извршена меѓу Словените во Македонија во првата половина на IX век. Во науката таа е позната како Брегалничка мисија, зошто главно се одвивала меѓу Словените кои живееле по текот на реката Брегалница. Тие биле дел од племето Струмјани што тогаш ги управувал Методиј. Константин покрстил 54.000 Словени. На крајот од мисијата ја создал глаголицата со 38 букви.
Инспирацијата за буквите кои се авторско дело на Константин останува прашање на дебата во науката. Според „О Писменех“ на Црноризец Храбар Словените имале свои „црти и рески“ и пред оваа азбука. Други можни влијанија за буквите се и другите тогашни азбуки.
На пример за некои од буквите поврзани со гласот „ш“ се претпоставува дека се засноваат на хебрејските и самаритските писма, кои Кирил ги научил за време на неговата посета на Хазарите во Херсон. Други лигатури покажуваат сличности со арамејската азбука.
Во 855 година Константин Филозоф како мисионер требало да го помогне својот постар брат во придобивањето на немирните Струмјани на византиска страна во борба против агресивните Бугари.
За разлика од Кирила, помладиот брат, Методија Солунски бил добро граден и го интересирале воените вештини. На само 20 години тој се стекнал со слава во византиската армија и веќе бил познат и на дворот во Цариград. Бил споредуван со Самсон (според силата) и Исус Навин (со решителноста) која ја имал на бојното поле и бил награден од царот со војводски чин и го именувал за кнез во брегалничката област во 845 година.
Методиј го управувал словенското кнежевство 10 години. Се смета дека центарот на кнежевството бил во близина на денешното село Крупиште кај Штип, каде се наоѓал тогашниот град Равен.
Светите браќа Кирил и Методиј успеале да станат апостоли на Словените. Тие сакале да му служат на доброто на сите словенски народи и на единството на Универзалната црква. За овие и вакви свои заслуги, во своето апостолско послание „egrigae virtulis“ папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година ги прогласил за ко-покровители на Европа, чиј покровител е Свети Бенедикт, прогласен од папата Павле IV на 26 октомври 1964 година.