More

    Соларната електрана на Заев доцни а подобро и да не се изгради

    spot_img

    Кога ќе почне изградбата на фотонапонската централа на земјиштето каде што требаше да се гради карго аеродром во Светиниколско не се знае. Владата на крајот на 2021 година ја најави како една од најголемите француски инвестиции во земјава која треба да обезбеди струја за 94.000 домаќинства и требаше да чини 270 милиони евра. Според најавата, оваа инвестиција треба да обезбеди до 400 мегавати струја која ќе се произведува на 452 хектари, а требаше да ја реализира француската компанија „Акио Енерџи“ преку Друштвото за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР“ – Скопје.

    Најавена беше како стратешка инвестиција, но не се знае дали владата или инвеститорот се премислија бидејќи роковите за реализација на овој проект одамна течат. За ова говори и фактот што и по една година од презентацијата на проектот на која учествуваа тогашниот премиер Зоран Заев, претставници на француската компанија и францускиот амбасадор во земјава, на терен нема ништо од изградбата. Според тогаш кажаното, оваа соларна централа требаше да почне да се гради лани, а првите киловати да протечат годинава. Завршувањето на централата, како што беше најавено, треба да заврши во 2024 година.

    Она што моментално е познато е тоа дека инвеститорот сè уште не го почнал процесот на добивање соодветни дозволи за да може да гради, бидејќи не е донесен законот со кој оваа инвестиција ќе се прогласи за стратешка како што најави владата.

    Според информациите добиени од Регулаторната комисија за енергетика ниту Друштвото за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР“ преку кое се реализира проектот сè уште нема добиено лиценца, а жителите на селата Мустафино и Ерџелија и годинава чекаат дали ќе можат да го обработуваат земјиштето кое е од прва и втора категорија обработливо земјиште со поставен систем за наводнување бидејќи нивните договори за закуп на земјиштето за кое плаќаат и по 16.500 денари за хектар важат.

    Прашавме во владата што се случува со оваа инвестиција, но не добивме одговор. Од Министерството за транспорт и врски ни одговорија дека овој инвеститор не побоарал дозвола за градба.

    И општините на чија територија треба да никне соларната електрана – Штип и Свети Николе не знаат што се случува со инвестицијата.

    – Нема никаква работа на терен. Колку што знам прво треба да помине законот за стратешка инвестиција, па потоа инвеститорот да ја почне постапката за добивање соодветни дозволи од Министерството за транспорт и врски и од Министерството за екологија. Кај нас ќе дојдат на ред да побараат дозвола дури по најмалку 6 месеци, што значи рано е да се очекува да почне поставувањето на соларната централа – вели градоначалникот на општина Штип Иван Јорданов.

    Тој вели дека земјиштето е експроприрано уште за изградбата на карго аеродромот, но во штипскиот дел каде што ќе се поставуваат панелите земјиштето е од трета и повисока категорија и нема закупено земјиште.

    – Во нашиот дел нема издадено земјиште на земјоделци бидејќи е од повисока категорија и не се обработува, но во светиниколскиот регион земјиштето е од прва и втора класа и таму има реакција од земјоделците – вели Јорданов.

    Оваа инвестиција веќе две години ја бранува јавноста која бара да не се поставуваат фотоволтаици на плодно земјоделско земјиште.

    На ова земјиште ТАВ требаше да гради карго аеродром, но се откажа. Во 2006 година за таа цел беше извршена пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно, и експропријација, а по одлуката на компанијата да не го гради аеродромот поради економска неисплатливост, земјиштето во Светиниколско во 2011 година повторно им беше распределено на земјоделците за да го обработуваат. Овие површини се обезбедени и со систем за наводнување, а земјиштето е рангирано во прва и втора категорија.

    Експерти и енергетичари сметаат дека инвестицијата не треба да се гради на ова земјиште, а владата да најде соодветно земјиште за да се реализира, иако, велат, на земјава ѝ се потребни енергетски капацитети.

    – Иако сум енергетичар, против сум да се градат фотоволтаици на плодна земјоделска почва. Ние како држава мора на прво место да ја ставиме храната па потоа изградбата на енергетски капацитети. Уште повеќе што вакви капацитети можат да се градат на неплодно земјиште. Затоа сметам дека доколку се направени пренамени на земјиштето постапката треба да се ревидира и земјиштето да се врати на земјоделците да го обработуваат. Неразбирливо е што на едно од најдобрите земјоделски површини се инсистира да се гради ваков енергетски објект. Сметам дека поради ваквата политика еден ден ќе зажалиме бидејќи пренамена на земјоделско земјиште во градежно не се прави само за фотоволтаици, туку и за изградба на други објекти и згради што е далеку од логиката и ставање на земјата во увозно ропство и кај храната која може да ја произведеме – вели Марјан Ненов, електроинженер и соосновач на невладината „Но пасаран“.

    И за професорот Ристо Цицонков е неразбирливо зошто на плодно земјиште се дозволува изградба на енергетски објект кој може да се постави на необработлива површина.

    – Еве има површина кај Криволак, на пример, таму може да се градат соларни централи. Нашата земја е 70 отсто планинска и има доволно места каде што можат да се градат вакви објекти. На ваков начин и оние 30 отсто плодна почва ја претвораме во необработливо земјиште – вели тој.

    Според него, спорна е одлуката на владата дека ова е стратешки проект.

    – Всушност, ваквите инвестиции во енергетиката не можат да бидат стратешки, бидејќи инвеститорот е приватник од странство кој струјата што ќе ја произведе ќе ја продава по конкурентна цена. И ако државата не му плати цена која е конкурентна тој струјата ќе ја продава кај тој што ќе плати повисока цена, па и во странство – додава Цицонков.

    Според него, има уште една дилема која одредени владини функционери изјавуваат дека под фотоволтаиците ќе може да се произведува храна.

    – Лани беше соопштено вакво нешто, но мислам дека многу е веројатно дека тоа е оправдување дека оваа централа се гради на плодно земјиште. Според моите познавања, не може да се произведува храна без сонце, а прашање е и дали ќе биде можно да се изведуваат земјоделски активности под тие панели – вели Цицонков.

    Дипломираниот агроном и долгогодишен производител на градинарски производи Ристо Велков смета дека вакви инвестиции не треба да се градат на земјоделско земјиште, а ако постои идеја дека нешто може да се произведе под панелите – тоа е лага.

    – Не треба да го губиме плодното земјоделско земјиште за вакви инвестиции кои можат да се градат и на послаба почва. Ако земјиштето е од прва и втора категорија со систем за наводнување жално е да не се произведува храна таму. А да се произведува храна под поставени фотонапонски централи не е можно. Таму и трева нема да никне, а камоли да може да се произведе култура без сонце и светлина. На растенијата им треба сонце, вода, редовно наводнување, дневна работа на нивата, а за тоа не верувам дека ќе има услови да се прави под панелите – вели тој.

    И земјоделците од овој крај со години реагираат дека им се одзема обработлива површина и се пренаменува за различни градежни објекти кои не се во прилог на земјоделството. Тие, сепак, се надеваат дека инвестицијата нема да се реализира.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img