Северна Македонија ги загрозува основните права на Бугарите утврдени со Европската конвенција за човекови права, како што се правото на здружување, собирање, слобода и слободно изразување на убедувањето, изјави денеска бугарскиот заменик министер за надворешни работи Костадин Коџабашев.
– Во таа насока, принудени сме да ја потсетиме земјата која е кандидат за членство во Европската Унија дека европската практика и законодавните иницијативи кои се однесуваат на правото на здружување, се водени од желбата да се олесни, а не да се попречи создавањето и функционирањето на граѓански организации и здруженија – истакна Коџабашев.
Тој нагласи дека согласно одлуката на бугарското Народно собрание од 24 јуни 2022 година, Бугарија ќе ја поддржи европската интеграција на Северна Македонија само под услов доколку се гарантираат правата на Бугарите во земјата, додавајќи дека „последните законски измени во Скопје противречат на тој услов“.
Според него, крајно е неприфатливо да се користи наратив, вклучително и законодавни иницијативи со кои непринципиелно се искористуваат теми поврзани со фашизмот, антисемитизмот и тероризмот со цел да се ограничат основните права и да се влошат добрососедските односи.
– Категорично ги отфрламе обидите за наметнување селективни, еднострани историски толкувања – додаде Коџабашев.
Тој потсети дека согласно Договорот за добрососедство создадена е посебна Комисија за „надминување на историските противречности“ и нејзините активности „не може да се заменат со ниту една новоформирана структура“.
Фото МИА