Секое кршење на законите од албански функционери за вас е албанофобија, обвини пратеникот Борислав Крмов од Левица во своето излагање од собраниската говорница за интерпелацијата на собранискиот претседател Африм Гаши.
– Обезбедувањето на Гаши репетирало пиштол кон аеродромското обезбедување, а тоа го извадивте од записникот на МВР. Ако на Гаши претседателката на Косово Вјоса Османи му е поблиска заради етничката припадност го повикувам веднаш да си поднесе оставка, да не го чека гласањето за интерпелацијата. Нема што тој да размислива етнички, туку само државнички, затоа што тој не е племенски поглавар. Тој го прекршува законот за македонски јазик, а нашите приговори за тоа тој го објаснува како фобија кон албанскиот јазик. Го крши Законот за знамиња, затоа што во салата имаме знамиња на НАТО и на ЕУ и мали знамиња на Албанија по канцелариите на пратениците. Спикерот Гаши на Талат Џафери му обезбеди две функции, премиер и пратеник, веројатно и две плати, тоа не го знаеме. Тој ги продолжи лошите практики на Џафери, ништо не важи од тоа што го договараме на координација – рече пратеникот Крмов.
Тој рече дека неодамна Уставниот суд оценил дека Законот за употреба на јазиците произвел многу нејаснотии, а албанските пратеници имаа реакции дека тоа е пуч, напад на албанскот јазик итн.
– Во Собранието не се работи за прекршување на ниедно право на употреба на јазик, затоа што тие добиваат двојазични документи, тука се работи за насилно наметнување на двојазични дописи на пратениците Македонци. Материјалите од генералната секретарка ги добиваме само на македонски јазик, и претходната генерална секретарка исто материјалите ни ги испраќаше само на македонски, а и Јован Митрески, кој накратко беше спикер, постапуваше исто и никој не приговараше на ова. А сега имаме парадоксална ситуација, кога примената на Уставот и законите зависат од етничката припадност, односно, ако е спикер Албанец, ќе праќа двојазични материјали на сите, а ако е Македонец, материјалите за македонските пратеници се само на македонски јазик. Не може персонално да зависат законите, ова е граѓанско општество и законите важат за сите. Знаете дека се работи за прекршување на законите, а зошто? Затоа што ова е политички проект за изедначување на законите, овој проект го правеше ДУИ, а тие сега мора да парираат, ова е буквално покажување сила на македонскот народ. Исто така, штом еднаш спикер бил Албанец, мора ли до крајот на светот да остане Албанец? – рече Крмов.
Тој рече дека силеџиството од ДУИ било со грб, а сегашното силеџиство со Вреди, исто така е со грб, затоа што не можат групи со 15-тина пратеници сами тоа да го прават, односно, прво грбот бил СДСМ, а сега е ВМРО-ДПМНЕ.
– Албанецот во оваа држава од партиите е дефиниран како антимакедонец и се прашуваме која порака се праќа до нивното гласачко тело со ваквото непочитување. Албанските политички партии креираат антиалбанска перцепција. Интеграција не смее да има, комуникација не смее да има, а зошто, затоа што албанските партии ќе ја изгубат смислата на своето посетоење. Вака сега тие ги решаваат проблемите кои сами ги креираат – рече пратеникот од Левица.
Јазикот не е емоција, додаде Крмов, единствен природен распространет јазик е македонскиот јазик, затоа што Македонци живеат од Дебар до Делчево и од Скопје до Гевгелија, односно, природно е распространет насекаде, а не е со декрет. Албанскиот јазик до ден денес е регионален и во тие региони е јазик на разбирање, а во другите региони не.
– Не можат двата јазика да се изедначат, затоа што само македонскиот јазик е лингва франка, јазик на разбирање и лингва прима, прв јазик според Уставот – рече Крмов.
Неговото излагање предизвика многу реплики и остри реакции од албанските пратеници.