Пратениците попладнево за време на 69. седница го изгласаа Законот за изменување и дополнување на Законот за поштенски услуги, по скратена постапка.
Спикерот Талат Џафери по изгласувањето на законот ја прекина седницата, посочувајќи дека не се создадени услови за нејзино продолжување.
Претходно, за време на седницата во свое процедурално обраќање пратеникот од Левица, Димитар Апасиев рече дека на 7 октомври како граѓанин поднесол барање за поднесување иницијатива за распишување на дополнителен референдум, но како што рече, од претседателот на Собранието не добил повратно известување во врска со оваа иницијатива, иако според законот требало да известен во рок од три дена.
Спикерот Џафери рече дека ова прашање не е предмет на 69. седница, и напомена оти пратеникот Апасиев треба да поднесе друг поднесок доколку сака да добие одговор.
Инаку, на дневен ред на 69 седница се заостанати Предлог на закон за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за взаемно признавање на одобренија за овластен економски оператор – безбедност и сигурност (ОЕОС), Предлог на закон за ратификација на Спогодбата за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и на добиточна храна и фитосанитарна област во Западен Балкан, како и Предлог на закон за изменување на Законот за заштита на децата, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за поштенските услуги и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, сите по скратена постапка.
Иако за денеска беше закажена и 88. седница, Џафери посочи дека истата се пролонгира и дополнително ќе се извести за нејзино одржување.
На дневен ред на 88. седница како прва точка е Ристо Пенов да биде избран за министер за локална самоуправа, за што на седницата треба да присуствува предлагачот премиерот Димитар Ковачевски, кој е во посета на ОАЕ. Потоа треба да се гласа за уставните судии за што расправата заврши синоќа, а на дневен ред на оваа последно закажана седница се и закони поврзани со мерките за енергетската ефикасност како и законите за здруженија и за политички партии и други.