Владата вчера попладне го доставила Предлогот за уставни измени до Собранието веднаш по завршувањето на 171. седница на која премиерот и министрите го усвоија Предлогот.
„На 171-та седница на Владата, одржана на 18.7.2023 година, точка 48, разгледана е Информација со Предлог за уставни измени, утврден е Предлогот и доставен е до Собранието веднаш по завршувањето на седницата“, информирале од Владата за МИА.
Триесет работни дена од денот на влегување во собраниска процедура на Предлогот треба да се гласа за утврдување на потребата за промена на Уставот.
На последниот брифинг со новинарите на 27 јуни претседателот на Собранието Талат Џафери посочи дека од приемот на материјалите до гласањето се потребни 30 работни дена затоа што максимум десет дена треба да работи Уставната комисија која со работа треба да заврши осум дена пред денот утврден за гласање.
Членот 196, став 2 од Деловникот за работа на Собранието предвидува претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања да трае најмногу десет работни дена. Член на Комисијата за уставни прашања и пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но не повеќе од 30 минути вкупно.
Во ставот 1 од истиот член се посочува дека по предлогот за пристапување кон измена на Уставот на седницата на Собранието се води претрес во целина кој може да трае најмногу десет работни дена. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но не повеќе од 30 минути вкупно.
Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
По донесувањето одлука за пристапување кон измена на Уставот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот.
Потоа следуваат уште две фази, меѓу кои и јавна расправа. Постапката за измени на Уставот треба да заврши до крајот на ноември.
Претседателот на Собранието на последниот брифинг со новинарите беше дециден дека пратениците се во постојано заседание така што дури и да треба да се гласа во август за утврдување на потребата за уставни измени, за нив нема да има никаква пречка.
-За Собранието нема никаква пречка ни август, ни јули, ни септември – рече Џафери.
Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.
Владата вчера повика на конструктивност и постигнување натпартиски консензус за усвојување на уставните измени како дел од преговарачката рамка со Европската Унија и услов за продолжување на преговорите со ЕУ. Власта смета дека пред граѓаните и државата е „неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030 година“.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уставни измени и бара предвремени избори.