More

    Со внесувањето на Бугарите во Уставот, земјава нема да биде поблиску до членство во Европската Унија, туку ќе биде само поблиску до некое ново бугарско барање кое повторно ќе претставува услов за членство на Македонија во европското семејство

    spot_img

    Со внесувањето на Бугарите во Уставот, земјава нема да биде поблиску до членство во Европската Унија, туку ќе биде само поблиску до некое ново бугарско барање кое повторно ќе претставува услов за членство на Македонија во европското семејство.

    Вака политичките партии од опозицијата и познавачите на меѓународната политика ја коментираат вчерашната изјава на претседателот Стево Пендаровски, кој јавно призна дека не постојат гаранции дека Бугарите ќе се задоволат со уставните измени и дека нема повторно да бараат од нас им јадеме од рака.

    – Не може да има гаранции дека вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде последно барање од соседната држава, во процесот на преговори со ЕУ. Се разбира дека никој не може да ѝ даде гаранции на земја-кандидат која штотуку ги почна преговорите кои не се праволиниски – рече Пендаровски на вчерашното годишно обраќање пред пратениците во Собранието.

    Ваквата негова изјава ја разбранува јавноста, а опозициските партии веднаш го упатија претседателот да се потсети на изјавата што тој лично ја даде на 5 мај годинава во гостувањето на Канал 5: „Ние мораме да имаме некаква гаранција од Бугарија, уште подобро и од Брисел и од целата Европска Унија, дека прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, ќе биде последното барање на Софија“.

    Две многу важни работи

    Две работи ни покажува изјавата на претседателот Стево Пендаровски, кој вчера истакна дека никој не може да гарантира ненаметнување на нови бугарски услови доколку Македонија ги внесе Бугарите во Уставот, вели за Плусинфо поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од редовите на ВМРО-ДПННЕ, Антонио Милошоски.

    – Првата работа којашто ни станува јасна е дека Владата и претседателот преку „францускиот предлог“ го прифатиле барањето на Софија со сервилност и без да вложат сериозни напори да ја заштитат позицијата на Македонија од следни уцени. И второ, прогнозата на Пендаровски дека следуваат нови барања и услови ја руши тезата на Владата за извесноста на пристапниот процес кон ЕУ. И овој процес на зачленување го дефинира како неизвесен и многу позависен од билатерални политики, отколку од европските стандарди. Ние како опозиција, уште во 2017 година му ја предочивме оваа констатација на претседателот, но тогаш и тој како пратеник, Никола Димитров како министер за надворешни работи, и Зоран Заев како премиер, гласно зборуваа дека потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија е решение за сите проблеми. Но, денес, очигледно е дека само вешто успеале да изманипулираат со дел од јавноста и да создадат поголеми проблеми за Македонија – објаснува Милошоски.

    Антидржавничко делување

    Со гаранции или без гаранции, ние сме против уставните измени со цел внесување на Бугарите во Преамбулата, вели Јована Мојсоска, член на президиумот на Левица.

    Мојсоска: Од една страна признава дека немаме гаранција дека Бугарите нема излезат со нови услови откако ќе ги внесеме во Уставот, а јас ќе ве потсетам дека токму Пендаровски бараше гаранции од Европа за истата работа

    – Треба да се укине и Комисијата за историски и образовни прашања, бидејќи многу добро се знаат критериумите за членство на една земја во Европската Унија. Тоа се копенхашките критериуми, борбата против корупцијата и криминалот, борбата против сиромаштија, па нашиот став е дека само за овие работи може да се преговара. За ништо друго. А во поглед на изјавата на претседателот Стево Пендаровски, човек добива впечаток дека тој воопшто не е дел од оваа власт, туку дека е некој политички аналитичар кој излегол на телевизија за да си ги искаже ставовите. Целото негово владение е сервилно и тој нема никаква државничка улога и државнички став. Од една страна признава дека немаме гаранција дека Бугарите нема излезат со нови услови откако ќе ги внесеме во Уставот, а јас ќе ве потсетам дека токму Пендаровски бараше гаранции од Европа за истата работа. Така што, сите изјави на претседателот претставуваат едно шизофрено антидржавничко делување – вели Мојсоска.

    Таа посочува дека Левица нема да прифати уставни измени доколку нема реципроцитет од бугарска страна.

    – Ние си го кажавме ставот и не планираме да го менуваме. Не би можела да зборувам за одлуките на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј претседател уверува дека нема да се случат уставните измени. Партијата на Христијан Мицкоски не е за укинување на Комисијата за историски прашања со Бугарија и веројатно верува дека со Бугарите може да избоксува подобри одлуки. А јас ќе кажам – не можат! Уште од времето на Тодор Живков, нашиот источен сосед ги нема сменето своите шовинистички претензии кон Македонија и нема ни да ги промени. За разлика од нашата македонска неспособна и импотентна стратегија, Бугарија има точно дефинирана и многу силна стратегија. Нашите институции не можат да се справат ниту со едни обични клубови со имиња на очигледни фашистички колаборатори. Ние немаме никаква стратегија за да си ги одбраниме нашите државни позиции – објаснува Мојсоска за Плусинфо.

    Гориво во резервоарот на опозицијата

    Поранешниот амбасадор Ивица Боцевски вели дека Бугарите воопшто не кријат дека намерата им е да ја бугаризираат Македонија, а со внесувањето на бугарскиот народ во македонскиот Устав, посочува тој, само ќе ги доближиме до целта.

    Опозицијата нема да попушти, а особено не сега откако претседателот призна дека никој не сака да гарантира дека Бугарите нема да имаат нови барања.

    Ивица БоцевскиПоранешен амбасадор

    – Во вода паѓаат сите оние заложби и сите оние зборови со коишто македонските преговарачи го правдаа предлогот за којшто преговараат. Тоа значи дека претседателот Стево Пендаровски признава дека залудно се воделе преговорите. Прво, цели шест месеци криеја дека воопшто се преговарало, а на крајот излезе дека преговарале и дека сето ова е нивно дело. Ова не е дело на Французите, туку е дело на македонските и на бугарските преговарачи. А што преговарале ако нема гаранции? Ова е главното прашање на кое треба да одговорат сите по ред – од вицепремиер и министер, па сѐ до премиер и претседател – објаснува Боцевски за Плусинфо.

    Тој смета дека признанието на Пендаровски сега ќе ѝ дотури гориво на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која и досега цврсто стоеше на ставот дека нема да ги поддржи уставните измени доколку не се приложат гаранции.

    – Опозицијата нема да попушти, а особено не сега откако претседателот призна дека никој не сака да гарантира дека Бугарите нема да имаат нови барања. Па така, Македонија мора повторно да седне на маса со ЕУ, без разлика на тоа што оттаму ќе дојде една голема тврдоглавост и ќе просведочиме на уште еден понижувачки однос кон нас. Меѓутоа, нема друг излез. Бугарите воопшто не кријат во намерата дека сакаат да ја бугаризираат нашата држава. Постојат дури и планови испишани на 10-12 страници, а на кои е наведена бугарската замисла за тоа како да се одвива процесот на бугаризација на Македонија преку нејзина европеизација. Следуваат нови и нови понижувања за македонскиот народ, а самата ЕУ очигледно сѐ уште нема идеја што да прави со земјите од Западен Балкан – вели Боцевски.

    Со таков багаж не се влегува во ЕУ

    Претседателот на глас кажа дека никој не може да даде гаранции дека Бугарија нема да има нови барања по уставните измени, а сега останува и да се каже дека влезот во Уставот ќе биде мотив за Бугарите да станат третиот ентитет во македонските институции и општество, дејтонизирајќи ја Македонија и претворајќи ја во комплициран случај како Либан или Босна и Херцеговина, коментира колумнистот Ивор Мицковски.

    Веднаш по измените во Уставот, верувајте дека Бугарија ќе има дополнителни барања, дополнително влијание и сериозна пенетрација во внатрешните работи на Македонија.

    Ивор МицковскиКолумнист

    – По влезот во Уставот, Бугарите ќе бараат да бидат третирани како историско малцинство, што не се, иако се одговорни за речиси истребување на еврејското малцинство од Македонија, и ќе станат етничка заедница со гарантирани права. Тоа само ќе им биде плус мотив нивните активисти во Македонија да плачат дека им биле кршени човековите прва и дека биле дискриминирани, нешто што веќе го прават, но тоа ќе се засили. Сето тоа ќе им помогне и во наративот дека сме измислена нација од комунистите и дека немаме сопствен јазик и култура. Од институционален аспект, стекнувањето статус на заедница би значело основа за барања за вработување во државната администрација по квоти, емисија на бугарски на МРТ, право на неработен ден за етнички празник и други права што ги уживаат малцинствата во Македонија, вклучувајќи и гласање според т.н. Бадентеров принцип – објаснува Мицковски.

    Тој додава дека ние ќе ги внесеме Бугарите во Уставот за да почнеме реални преговори со Европската Унија, бидејќи ова сега е само глумење преговори со цел да им се излезе пресрет на вицепремиерот Бојан Маричиќ и на министерот Бујар Османи да се шетаат и да имаат што да кажат.

    – Веднаш по измените во Уставот, верувајте дека Бугарија ќе има дополнителни барања, дополнително влијание и сериозна пенетрација во внатрешните работи на Македонија. Со таков багаж не се влегува во ЕУ – коментира Мицковски.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img