Секогаш кога ќе се отвори темата за распуштање на Судскиот совет и на Советот за јавни обвинители многумина се загрижени, а преку експерти кои долги години биле послушници на СДСМ и на ДУИ, ги бранат позициите дека тоа не може да се направи, велат од Владата.
Извршната власт овој коментар го дала за МИА на прашањето кој е ставот на Владата за Извештајот на ЕК во кој најавите на новата влада за „распуштање“ на судскиот и на обвинителскиот совет се оценети како причина за сериозна загриженост, „бидејќи би ја поткопале независноста на судството“. ЕК во извештајот препорача Судскиот совет да се зајакне со ревидирање на законодавната рамка, во согласност со препораките на Оценската мисија.
Владата, пак, е категорична дека мора да се направат темелни реформи на правосудството.
„Решението е во целосна реформа, целосна департизација и на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. Препораките од Оценската мисија треба да бидат разгледани со должно и сериозно внимание, затоа што ако вака продолжиме следниот извештај на Европската комисија ќе биде негативен или полош од сите претходни“, велат од Владата.
Од Владата констатираат дека, за жал, судско-обвинителскиот систем во Македонија е катастрофален.
„Тоа што е пример за заробено судство денес е практично македонското судство. Во овој момент како најсоодветен пример за овие тврдења се наводите со кои се врши брутална партизација на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Затоа потврдуваме дека решението е во целосна реформа, целосна департизација и на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. Веднаш штом ќе почнат какви било процедури, јавноста ќе биде информирана“, се вели во одговорот од Владата.
Во врска со најавените консултации за реформите на судскиот и обвинителскиот совет, од Владата посочуваат дека реформите во целото правосудство се предизборно ветување кое стана дел од владината програма за работа до 2028 година.
„Владата се залага за системски решенија, за трансформирање на правосудните органи во вистински, транспарентни, одговорни и ефикасни институции. Сериозно сме посветени и остануваме на идејата за носење на решенија кои ќе бидат темел на едно нормално демократско општествено. Со цел донесување на одржливо решение повикавме на расправа и побаравме инклузивност, но до денес немаме таква состојба на повидок. Па оттука, сосема логично е прашањето дали од распуштањето на овие институции има многумина загрижени субјекти? Важно е да се знае дека доаѓа време на промени и шанса за професионалните и способни кадри“, посочуваат од Владата.