„Гласен текстилец“ со огромно разочарување ја доби веста дека владата подготвува предлог Закон за работно ангажирање на лица за вршење работи од привремена и повремена природа за одредени дејности кој го подготвува Министерството за труд и социјална политика. Со овој предлог предвидено е добивање и на плата во плик, изјави Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.
– Како социјалдемократска влада го укинаа членот од законот кој даваше помала плата на текстилните работници од работниците во другите индустрии. Но, еве сега нè враќаат назад 10 години со овој дискриминирачки закон. Сивата економија драстично расте, наместо да се изнаоѓа решение за сузбивање и намалување на истата, овде се дава амин на уште поголем процент на сива економија за која алармира и Светска банка. Овде повторно исходот е таков со оваа погрешна политика која повторно се води на штета на работникот – вели Ампева.
Таа додава дека со овој предлог Закон ќе се создаде нездрава бизнис клима, а нивото на нелојална конкуренција ќе расте со поддршка на владата.
– Со овој предлог закон, домашната економија полека но сигурно изумира и тоа е навистина жално за една држава која има голем потенцијал иако е мала. Во која европска држава постои вакво нешто кое е регулирано во закон каде што еден работник е ставен во понеповолна положба од друг? Зошто во предлог законот на Владата, во стартот се прави дискриминација на работниците – прашува Ампева.
Таа посочува дека „Гласен текстилец“ ги повикува синдикатите, работодавачите од сите останати дејности кои не се опфатени овде, да застанат рамо до рамо и да направат притисок за ова штетно решение, со цел како што вели, никогаш да не заживее и да не биде законски регулирано во ниту еден закон и никогаш да не стапи на сила.
– Ги повикуваме сите пратеници од сите политички партии дека ова законско решение не смее да се донесе, истите тие пратеници ќе треба да ги погледнат работниците во очи. Доколку земаме сите плата во плик и би помагале со тоа свесно да има пораст на сивата економија во државата, тогаш како ќе се полнат пензискиот и здравствениот фонд, буџетот на Македонија и како ќе се исплаќаат и онака големите плати на функционерите и на целата администрација – изјави Ампева.