Солта е вообичаен дел од секојдневната исхрана на повеќето луѓе. Често солта е таа што дава вкус на храната или ја подобрува. Експертите велат дека за функционирање на организмот се потребни околу 500 мг сол дневно, додека прекумерното внесување може да го зголеми развојот на разни болести.
Светската здравствена организација препорачува да се консумира помалку од пет грама сол дневно, што е дури и малку помалку од една кафена лажичка. За децата се препорачува уште помал внес на сол, во зависност од активностите.
И додека солта е суштинска хранлива материја за телото, делува во рамнотежата на телесните течности, ја подобрува функцијата на нервите и мускулите, прекумерното внесување може да доведе до штетни ефекти по здравјето. Ова се некои од нив…
Високиот крвен притисок како тивок убиец
Поради големиот внес на сол, нашето тело е повеќе склоно кон задржување на течности што предизвикува поголема количина на крв да тече низ вените и артериите. Ова го зголемува крвниот притисок и затоа срцето мора да чука посилно. Високиот крвен притисок е често асимптоматски и затоа се нарекува „тивок убиец“.
Срцева слабост
Според една студија објавена во Лансет, намалениот внес на сол им помага на некои пациенти со срцева слабост. Иако оваа навика не го намали бројот на хоспитализирани или смртни случаи, истражувањата покажаа дека ги ублажува симптомите како што се оток, замор и кашлица.
Мозочен удар
Конзумирањето на повеќе сол од препорачаното претставува поголем ризик од мозочен удар и други кардиоваскуларни болести. Мозочниот удар се јавува кога протокот на крв во одреден дел од мозокот е прекинат или ограничен, со што на мозочното ткиво му се дава помалку кислород. Зголемениот внес на сол може да го зголеми количеството на крв во артериите, да го зголеми крвниот притисок, а со тоа и да го зголеми ризикот од мозочен удар.
Срцев удар
Според Центрите за контрола и превенција на болести на САД, солената храна, особено преработената храна, доведува до висок крвен притисок, срцев удар и мозочен удар. Според Американската здравствена организација, околу половина милион смртни случаи годишно се поврзани со висок крвен притисок, поради што намалениот внес на сол навистина може да спаси животи.
Смрт за крвните садови
Според сите достапни информации и истражувања, прекумерното внесување сол остава големи оштетувања на артериите и доведува до таложење во крвните садови, таложење на масти, холестерол и други штетни материи.
Како да го намалите внесот на сол?
Ако се обидувате да го намалите дневниот внес на сол, еве неколку совети.
1. Изберете свежа храна наместо преработена храна. Зелениот зеленчук, храната и овошјето богато со влакна се дефинитивно подобар избор. Најважно е што со готвење дома ќе го регулирате внесот на сол.
2. Пред да купите какви било намирници, прочитајте ја декларацијата. Изберете производи кои имаат помалку сол на 100 грама.
3. Не нудете им на децата солена храна. Кога станува збор за храна за бебиња, намалете ја солта на минимум за да не се навикнат на вкусот.
4. Контролирајте ги порциите и количината на храна што ја јадете. Прејадувањето често води до прекумерно внесување сол, пишува Тајмс оф Индија.