Урсула Фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија следната недела при нејзината посета на Скопје треба да го најави пакетот за енергетска поддршка за земјите од Западен Балкан, меѓу кои е и Македонија, информираше шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи од Берлин. На средбата со еврокомесарот Оливер Вархеји била најавена сума од милијарда евра за целиот регион, информираше македонското МНР.
– Имав можност да се видам и со комесарот Вархеји кој што даде исклучително позитивна вест, а тоа е пакетот за енергетска поддршка кој што ќе биде најавен со доаѓањето на претседателката на Европската комисија следната недела во Скопје, а пред сѐ во помошта во делот на надминување на тековните проблеми во однос со снабдувањето со енергија и високите цени за индустријата, а се разбира и за домаќинстватa – изјави Османи од Берлин каде на самитот на Берлинскиот процес се сретна со неговите колеги од соседните земји.
Тој зборуваше дека најголема придобивка е Договорот за заеднички регионален пазар меѓу земјите.
– Тоа се трите договори кои што овој пат се усвојуваат за признавање на дипломите, професионалните квалификации и слободното движење со лична карта низ целиот регион што е повторно наш предлог и наша иницијативa – рече Османи.
Османи на маргините на самитот се сретнал со својот бугарски колега Никола Милков со кого се договориле дека „нема да дозволиме никој и било кои провокатори да ја киднапираат важната агенда која што сме ја договориле меѓу двете држави“.