Главната иницијација е отповик на градоначалник со што сметаме дека ќе ја зголемиме транспарентноста и отчетноста во секојдневното работење на локалните самоуправи. Втората алатка што сакаме да ја предвидиме во законското решение е воведување на комунален надзор кој ќе биде под ингеренции на локалната самоуправа, изјави денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински.
На консултативен настан во Битола на кој учествуваа градоначалници од пелагонискиот и од југозападниот регион, министерот Перински нагласи дека со новото законско решение ќе се модернизира актуелниот Закон за локална самоуправа.
– Станува збор за системски Закон за кој што се потребни две третини од Собранието и секако Бадентер за негово донесување. Сфативме дека актуелното законско решение треба да се модернизира и да се адаптира врз основа на модерните услови на живеење. Со комуналната полиција ќе се превенираат девијантните појави на мали група граѓани, кои што секојдневно несоодветно депонираат и одлагаат отпад, несоодветно постапуваат со урбаната опрема за која што локалните самоуправи издвојуваат значајни средства од своите буџети. Сакаме да го корегираме и превенираме тоа однесување за да имаме поубаво место на живеење – изјави министерот Перински.
Комуналните редари или полицајци, кои се предвидуваат со законските измени, ќе бидат задолжителна обврска за општините кои ќе немаат можност за избор од типот – сакаме или не сакаме да ги интензивираме комуналните надзори, додаде Перински.
– Комуналните редари и сега се предвидени во Законот за комунални дејности, но кога ќе ги предвидеме и во Законот за локална самоуправа, тоа ќе биде облигаторна работа која ќе мора да ја извршуваат градоначалниците. Ваквата дејност ќе биде под ингеренции на локалната самоуправа и ќе се доуреди со Законот за комунални дејности, бидејќи таму е опишана целата материја – рече Перински.
Во општините веќе постојатат одделенија со комунални инспкетори, но, како што рече градоначалникот на Битола Тони Коњановски, тие или немаат ингеренции за да дејствуваат или пријавите тешко се процесуираат низ правниот систем.
На првиот консултатитивен состанок со градоначалници, други претставници на локалната самоуправа и на граѓанскиот сектор, министерот Перински рече дека предлозите за измени во Законот за локална самоуправа се одвиваат во транспарентен, инклузивен и јавен процес, во кој се вклучени сите засегнати страни.
– Верувам дека само преку вака отворен процес ќе можеме да ги подобриме и да ги зголемиме квалитетите на услугите што се испорачуваат од локалните самоуправи кон граѓаните, а со тоа ќе го подигнеме нивото на секојдневното функционирање на самите локални самоуправи – посочи Перински.
За потребата од измени и дополнување на Законот за локална самоуправа, свои стручни мислења искажаа експерите Мемет Мемети, Гордан Ѓоргиев и Александар Спасеновски.
– Актуелниот закон го издржа тестот на времето, а со текот на времето како резултат на неговата долготрајна примена, се појавија серија на аномалии и забелешки кои со новите измени и дополнувања сакаме да ги адресираме. Со помош на Министерството за локална самоуправа, како резултат на овој широк инклузивен процес во кој ќе бидат вклучени градоначалниците и други носители на јавни функции што имаат надлежности врзани со локалната самоуправа, очекуваме да добиеме финален предлог што ќе биде предложен до Собранието. Венецијанската комисија како експертско тело долго време се занимава со прашањето за отповик на градоначалниците. Република Македонија има такво искуство со претходниот Закон за локална самоуправа. Врз основа на највисоките стандарди на Советот на Европа преку Венецијанската комисија, и врз основа на нашето искуство, ќе се обидеме низ овој широк консултативен процес да најдеме оптимизирано законско решение, со начин како да се рефлектира довербата или недовербата на градоначалниците, што ќе гарантира дека во иднина нема да има некакви злоупотреби – рече универзитетскиот професор Спасеновски.