При вонредна контрола на спортскиот аеродром Стенковец, царинските службеници константирале дека три воздухоплови, сопственост на фирма на познат македонски бизнисмен, не се царинети од 2017 година.
Како што дознаваме, станува збор за штета врз буџетот во вкупен износ од 300.000 евра, само по овој основ.
И покрај обидите за влијание на бизнисменот да се преиначи одлуката, царинските службеници останале доследни и веднаш ги приземјиле сите воздухоплови.
Како што дознаваме од царински извори, сопственикот на воздухопловите имал одобрение за царинска постапка од 2011 до 2017 година, но по истекот на тој период не ја завршил процедурата за да обезбеди царинска дозволена постапка.
Фирмата во чија сопственост се овие воздухоплови е основана во 2010 година. Без разлика што авионите се користат за приватни цели, се покренува прашањето дали тие биле внесени врз основа на веродостојни податоци во регистарот на воздухоплови, кој е во надлежност на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Ова е уште еден пример со кој новото раководство во Царината покажува сериозни индиции дека навистина е подготвена за бескомпромисно спроведување на законските одредби. Во последната акција во Гевгелија и во Струмица по налог на специјализираното Обвинителство за гонење организиран криминал беа приведени 30 лица, осомничени за противправни дејствија на граничните премини на југот од земјата. Очигледно е дека се работи на повеќе фронтови за сузбивање на коруптивни мрежи.