Снегот и силниот ветер, кои ја парализираа Словенија и доведоа до проблеми во сообраќајот и во снабдувањето со електрична енергија, ќе тргнат на југ и викендов ќе стасаат до Македонија. Да не се вика за џабе Северна…
Обилните снежни врнежи тргнаа од Алпите. Неколку региони во Италија се соочуваат со екстремни предупредувања за снежни врнежи и мраз. Во регионите Ле Марке и Емилија Ромања е издадено портокалово предупредување, кое означува закана за луѓето и за имотот.
Словенија, Хрватска и Австрија исто така се погодени од снежно невреме, што предизвика прекин на електричната енергија. Затворени се патиштата и училиштата во некои области, како што е Корушка во Австрија, каде што 5000 домаќинства останаа без струја.
Снегот и силниот ветер во Словенија доведоа до проблеми во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија, јавуваат словенечките медиуми.
Српските метеоролози очекуваат снег в четврток и в петок на планините, а во викендот на 28 и 29 јануари и во пониските места со помала снежна покривка.
Кај нас на планините има снег. На Попова Шапка има снежна покривка од 90 сантиметри, во Маврово 21, а 11 во Крушево. Но, спорад онлајн прогнозите викендов се очекува снег и во котлините, веројатно и во Скопје.