Словенечката министерка за дигитална трансформација Емилија Стојменова-Дух, која е родена во Македонија, поднесе оставка откако се најде под голем притисок на јавноста поради неовластено користење сигнални светла на својот службен автомобил во Австрија. За нејзиниот случај денеска требаше да се расправа во словенечкиот парламент и да се гласа за доверба.
Премиерот Роберт Голоб ја прифати оставката на министерката.
Според телевизијата „Н1“, министерката недозволено користела сино светло на својот службен автомобил додека била на службен пат во Австрија пролетоска. Таа наводно брзала за да фати авион за Женева.
Според извештаите, тоа не бил единствениот сообраќаен прекршок што го направиле на пат за Виена, зашто камерите ги фатиле и за пребрзо возење.
Реакцијата на Стојменова-Дух исто така ја налути јавноста. Таа прво ги нападна медиумите дека има многу невистини во нивното известување, тврдејќи дека никогаш не побарала од возачот да ги вклучи сините светла, ни дома, ни во странство.
Стојменова-Дух е родена во Виница во 1985, а во Словенија се преселила на 17 години. Во јуни 2022 стана министерка за дигитална трансформација во владата на Роберт Голоб.