Сликарката и љубовница на Пабло Пикасо, Франсоаз Жило, почина на 101-годишна возраст во болница во Менхетен. Како што е познато, Франсоаз била една од седумте најголеми љубови на славниот сликар.
Веста за „Њујорк тајмс“ ја потврди нејзината ќерка Аурелија Енгел, која рече дека Жило имала проблеми со срцето и белите дробови.
Жило го запознала Пикасо, 40 години постар од неа, кога таа имала 21 година и била единствената од неговите многубројни љубовници, која одлучила да го остави во 1953 година, по 10 години врска и две деца.
„Дали мислите дека луѓето ќе бидат заинтересирани за тебе? Дури и ако мислиш дека луѓето те сакаат, тоа ќе биде само некаква љубопитност што ќе ја имаат кон личноста чиј живот толку интимно го допре мојот“, ѝ рекол славниот Пикасо кога го напуштала, се присетила Жило во една прилика.
Меѓутоа, по раскинувањето, уметницата ја обновила својата кариера и станала славна, и покрај тоа што Пикасо вршел притисок врз галериите да не ги прикажуваат нејзините дела. Жило продолжила да ги изложува своите дела кои сега се наоѓаат во повеќе од 10 музеи, вклучувајќи ги Метрополитен музејот и Музејот на модерна уметност во Њујорк и Центарот Жорж Помпиду во Париз. Портретот на нејзината ќерка, „Палома на гитара“, што го наслика Жило, беше продаден за 1,3 милиони долари на онлајн аукција во 2021 година.