На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ денеска пристигна првата група со 180 туристи oд Амстердам, Холандија.
Холанѓаните се традиционални гости на брегот на Охридско езеро кои уживаат во природата и богатото културно историско наследство. Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски истакна дека најавите за оваа сезона се оптимистички, уште во првиот квартал од годинава има зголемување на бројот на туристи од Холандија за 22% во однос на 2019 година, која се смета за најдобрата во туризмот.
– Покрај холaндските гости ќе имаме чартер летови од ТУИ Велика Британија, потоа уште неколку тур оператори од Холандија, Полска, Турција, Израел, традиционалните пазари и предвидено е според стратешкото планирање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот да имаме помеѓу 15 до 20% раст на дестинацијата, што според мене е одржливо – потенцира Јаневски.
ТУИ годинава ќе има четири чартер летови неделно од Холандија и два од Велика Британија.
– Се надеваме ова лето да се вратиме на бројките од 2019 година која беше најдобрата референтна туристичка година, и се надеваме дека ќе донесеме многу среќни и задоволни гости – изјави Аријан Керс генерален директор на ТУИ Холандија.
Васко Коциров од туристичката агенција партнер на тур операторот ТУИ, рече дека според најновата статистика имаат околу 10 600 патници, а очекуваат околу 18 000.
Охрид ова лето очекува плодна сезона. Според прогнозите на АППТ од туризмот годинава се очекува 3,2 до 3,3 милиони ноќевања и над 5 милијарди долари директен прилив во домашната економија.