Професорот од Економскиот факултет и поранешен министер за финансии Трајко Славески денеска ја коментираше состојбата во Македонски железници. Посебно го коментираше тоа што земјава остана без железнички сообраќај откако поради напукнат мост беше укинат возот до Гевгелија. Пред тоа беа укинати и други домашните линии.
Тој во пост на социјалната мрежа Х прави споредба меѓу земјава и Албанија кои се во пакет за влез во ЕУ.
„Во мртвата трка кон ЕИ со нашиот западен сосед Албанија се изедначивме по уште една работа – останвме без железнички сообраќај. Во време кога светот инвестира во брзи пруги, ние спаѓаме во ретките европски држави без железничко поврзување со соседните држави и остатокот од светот. Албанија немала што да загуби – никогаш немала меѓународен железнички транспорт. Ние го загубивме тоа што го наследивме од претходните генерации“, напиша Славески.