Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска најави дека отпочнува постапката за изградба на новиот Луна парк.
– Од претходното раководство беше отпочнато со изработка на проект, ние како што кажавме, ништо од она што било отпочнато да се прави, нема да го прекинеме. Го прифативме самиот проект. Проектот беше во завршна реализација и беше доставен до градот Скопје, дури минатиот месец од својата изработка. Тука исто така имаше и еден процес којшто како таков опфаќаше обезбедување на неопходните дозволи од страна на ресорната општина, а тоа е општината Карпош за да може да се обезбеди и формално правна можност таму на тоа место да се отпочне со градба – појасни Арсовска во изјава за медиуми.
Как0 што нагласи таа, сега постапките започнуваат.
– Секако имаше забелешки и од ревизијата за начинот на којшто тие постапки се воделе во претходните мандати од аспект на тоа дека не било овозможувано градбата да отпочне, со самото тоа што на таа позиција имало некои објекти и лица коишто имале соодветни договори за закуп, сега сите тие ако можам така да кажам недостатоци се елиминирани и практично се отпочнува со изградбата на новиот Луна парк – додаде Арсовска.
Таа појасни дека во овој момент откако се добиени сите документи се отпочнува најпрвин постапката на тоа да се обезбедат дополнително бројот на реквизити, расчистување на теренот и поставување на постаментите и изградба на сето она кое што како инфраструктура треба да биде обезбедено за предмонтажата на реквизитите.
– Само да ги избегнеме инсинуациите никакви други објекти, градби, згради, било што друго во тој комплекс нема, освен она што е неопходно за функционирањето на Луна паркот, а тоа е нормално билетарите, самите реквизити што треба таму да се монтираат и нормално пропратните содржини коишто се неопходни за самите жители, нагласи таа.
Во однос на проектот Смарт сити, таа рече дека е имплементиран.
– Она што се прави во овој момент е практично работа на надградување на проектот од аспект на прилагодување на апликативните решенија, бидејќи тој беше само зачеток на целосно дигитализирање практично на процесите во градот – рече Арсовска.
Појасни дека имало доста апликации во делот на паметното паркирање, паметното осветлување, на сето она, како што рече, што би требало еден модерен град, една европска метропола да го има, со тоа што сега во следниот период практично треба да се отпочне со имплементација и на доградба на овие системи затоа што голем дел од нив беа само во тест фаза и беа опфатени само во 5 до 10 проценти од она што би требало да биде опфатено во градот Скопје.