Основното јавно обвинителство Скопје нареди да се спроведе истражна постапка против 31-годишник за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопшти обвинителството, тој на 4 јуни, влегол во филијала на банка на улицата Бојмија во Скопје и со сериозна закана и употреба на огнено оружје – пиштол, загрозувајќи го животот и телото на двајца вработени во банката, одзел 2.628.901 денари со намера противправно да ги присвои.
Веднаш побегнал од местото. По неговото пронаоѓање и лишување од слобода, пронајдени се и парите и тие се вратени на банката.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.