Од 1 јануари идната година ќе биде отворен нов скијачки центар „Михајлово“, на планината Кожуф во близина на Кавадарци. Отворањето на скијачката патека „Македонија“ е закажано за 11 часот, објави градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев на својот профил на Фејсбук.
Природниот снег што овие денови интензивно паѓа на Кожуф, во „Михајлово“ се подготвува и фрлање на дополнителен вештачки снег од топови.
„На 1 јануари од 11 часот, на првиот ден од новата година, во срцето на Кожув планина ќе биде официјалното отворање на скијачкиот центар Михајлово и првата скијачка патека која ќе го носи името Македонија“, пишува Јанчев.
Тој информира дека јавното претпријатие „Градски превоз“ од Кавадарци почнувајќи од 1 јануари ќе врши превоз на патници по официјален возен ред.
Градоначалникот додава дека зимската служба на ЈП „Комуналец“ е активна на терен и оти со четири возила се чистат патните правци кон селата Страгово, Бохула,Чемерско, Михајлово и Мрежичко, со цел безбедно одвивање на сообраќајот за сите кои гравитираат во овие делови.