Родители на ученици од четврто одделение во ОУ „Тихомир Милошевски“ во Ѓорче Петров се загрижени бидејќи нивните деца вежбаат текстуални математички задачи од материјали напишани на бугарски јазик.
Во разговор за Плусинфо родителите се жалат дека наставниците праќаат материјали на бугарски јазик на апликацијата Вибер, со образложение дека овие документи ќе им помогнат на децата да се подготват за натпревар по математика.
– Моето дете е принудено да решава математички задачи на бугарски јазик. Поголемиот дел од задачите се текстуални и децата не ги разбираат. Мене ова ми е многу симптоматично. Веројатно и со учениците од другите одделенија се случува истото. Децата мора да разбираат бугарски за да можат да ги решат задачите. Се плашам дека и во другите училишта има вакви случаи. Не сакам да верувам дека некој од Министерството за образование ги принудува наставниците да го прават ова – ни изјави револтиран родител кој од разбирливи причини сакаше да остане анонимен.
„Дадени са числата 7, 9, 10, 11 и 13. Изберете четири от тях и ги поставете вместо квадратчетата така, че да се получи вярно равенство. Кое число остава неизползвано?“, гласи една од задачите коишто треба да ги решаваат деца на 9-годишна возраст.
Има и задачи на англиски јазик, но иако повеќето ученици го познаваат англискиот јазик поради изложеноста на медиумите, сепак, сите задачи треба да бидат преведени на македонски јазик за полесно следење на наставата.
Плусинфо се обиде да исконтактира со надлежните во училиштето ОУ „Тихимир Милошевски“, но одговори не добивме сѐ до објавувањето на текстот.
