Синот на раперот Фло Рида, шестгодишниот Зохар, паднал од прозорец од стан и се наоѓа на интензивна нега со сериозни повреди, пишува „Пејџ сикс“. Зохар паднал од прозорец на стан кој се наоѓа на петтиот кат од станбен комплекс во Њу Џерси.
Мајката на Зохар, Алексис Адамс, во тужбата поднесена во понеделникот откри дека инцидентот се случил на 4 март и дека момчето било хоспитализирано со скршеници на карлицата и стапалото, оштетување на црниот дроб и белите дробови и внатрешно крвавење.
Таа тврди дека зградата во која живеат има прозорци кои се опасни поради што нејзиниот син, кој е роден со ретко невролошко нарушување, паднал на бетонскиот тротоар пред зградата. Таа ги тужеше сопствениците и управителите на станбениот комплекс, градежната компанија, фирмата што ги вградила прозорците и уште неколку лица.
„Како самохрана мајка на дете со посебни потреби, она што го чувствувам е кошмар. Моето срце е скршено на милион парчиња“, изјави таа за „Њуз12“. Таа од обвинетите бара отштета, плаќање на адвокатските трошоци и здравствените трошоци на Зохар.
„Јас сум уништена, бесна и се борам да се помирам со фактот дека моето единствено дете претрпе сериозни повреди поради намерното невнимание на нашиот станодавец и другите вклучени во пропуштањето на преземање на потребните безбедносни мерки“, додала таа.
Раперот Фло Рида не ја коментираше ситуацијата. Инаку, Алексис рече дека раперот не учествува во животот на нејзиниот син.
„Тој го виде својот син само еднаш и тоа беше кога правеше тест за татковство во декември 2016 година, но му беше свртен грб. Тие беа во иста просторија. Не сакаше ниту да го прегрне. Беше многу ладен“, рекла Алексис за „Дејли мејл“ во 2018 година.
Зохар е роден во септември 2016 година. Од раѓање, тој се бори со хидроцефалус, кој е предизвикан од абнормално таложење на цереброспинална течност во мозочните шуплини.