Синоќа во Куманово се случиле неколку пожари, во кои изгоре дуќан на членот на Советот на Општина Куманово, Фитор Јакупи и повеќе автомобили, а ДУИ реагира дека пожарите се подметнати. Според пишувањата на дел од медиумите, еден од изгорените автомобили е на висок јавен обвинител.
За пожарот во кој му изгоре канцеларијата, ноќеска извести самиот Јакупи на својот профил на Фејсбук.
„Ве известувам дека денеска во раните утрински часови околу 3.05 часот од црна рака на непознати лица мојата приватна канцеларија во Куманово беше опожарена“, напиша Јакупи во својата објава.
Тој повика на брза реакција од надлежните органи.
Утрово ДУИ синоќешните пожари во Куманово ги оцени како тешки настани, дела од омраза и опасна криза.
„Тешките настани во кои неколку автомобили и една продавница на Албанци беа запалени, претставуваат горчлив доказ за духот на омраза и меѓуетнички поделби. Ова веќе не е само неодговорност или неуспех – ова е опасна криза која се влошува секој ден. Кога институциите не можат да ја гарантираат безбедноста на своите граѓани и кога молчат пред ваквите дела на омраза, пораката што се испраќа е јасна: Албанците во оваа земја се оставени на милост и немилост на судбината. Овој пристап не е само дискриминаторски, туку и длабоко дестабилизирачки за целото општество“, соопшти ДУИ.
Демократската унија за интеграција повикува на итна интервенција од меѓународната заедница, се додава во реакцијата.
„Само меѓународен притисок може да ја запре оваа опасна спирала на насилство и омраза, што ја загрозува мирот и стабилноста во земјата. Бараме овие напади веднаш да се истражат и сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата. Секој ден одложување е покана за оние што шират омраза да продолжат со своите срамни дела. Албанците нема повеќе да молчат пред оваа неправда и ќе ги искористат сите демократски средства за да ги заштитат правата и достоинството на своите граѓани“, се вели во реакцијата на опозициската ДУИ.
ДУИ, се додава, ќе продолжи да биде гласот на Албанците и заштитник на мирот и стабилноста во оваа земја, но, меѓународната заедница мора да реагира сега, пред оваа омраза да добие уште поопасни димензии.