Со препорака на Државната комисија за спречување на корупција и подоцна со донесена одлука од страна на директорот на МКЦ, Арбен Шаќири, редовно ангажираните 30 лица по договор на дело остануваат без работа, со што се оневозможува понатамошното вршење на дејноста на Младинскиот културен центар Скопје, реагираа од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ).
Според синдикалците, одредени законски одредби или не се земени предвид, или истите погрешно се протолкувани, а кои треба да доведат до сосема поинаква препорака.
„Согласно Законот за буџетите, буџетот на единките корисници се состои од основен буџет, буџет на донации, буџет на заеми и буџет на самофинансирачки активности. Согласно Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници, признавањето на приходите и другите приливи, расходите и другите одливи содржани во главната книга на буџетите и на буџетските корисници се спроведува според сметководствено начело на парично искажување. Согласно член 18 став 4 од посочениот закон, приходи од член 18 став 1 од Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници се наплатените приходи остварени по видови и извори согласно со Законот за буџетите и Правилникот за класификација на приходите, како и приходите од самофинансирачки активности (сопствени приходи), приходи од кирии и закупнини, приходи од донации, приходи од кредити и позајмици и неданочни приходи“, соопштуваат од СКРМ.
Според нив, од овие законски одредби јасно произлегува дистинкцијата помеѓу доделените буџетски средства и приходите од самофинансирачки активности (сопствени приходи) со кои институцијата слободно може да располага заради остварување на своите активности и генерирање дополнителни приходи дури и по донесување на одлуката за распишување на избори, нешто кое, велат тие, го има вршено и МКЦ преку ангажирањето лица по договори за дело заради функционирањето на Киното Милениум, Планетариумот, Бифето и слично.
„Оттука, сметаме дека забраната за исплата на други исплати важи исклучиво за буџетските средства, а не и за располагањето со средствата обезбедени како сопствен приход“, нагласуваат од Синдикатот.