Вредноста на синдикалната минимална кошница за октомври 2024 година изнесува 61.249 денари, информираат од Сојузот на синдикати. Со изнајмен стан од 60 м2 за октомври кошницата изнесува 76.624 денари.
Споредено со вредноста на синдикалната минимална кошница за септември 2024 година која изнесуваше 61.306 денари е намалена за 57 денари.
ССМ смета дека мерката на владата за ограничени маржи дала делумни резултати поради алчноста на трговците кои ја пресретнале мерката со зголемени цени на производите.
– Ова го потврдуваме и со растот на вредноста на делот за храна и пијалаци во минимална кошница за повеќе од 717 денари во септември – велат од ССМ.
Оттаму сметаат дека цените на храната треба да се намалат уште, бидејќи не гледаат економска причина за нивно зголемување.
Синдикатите бараат да се зајакнат контролите на трговците.