Ако се покачи цената на струјата, ќе следи нов бран поскапување, a граѓаните ќе добијат уште еден удар по домашниот буџет, предупредуваат од Сојузот на синдикати. Според, информациите има најави за поскапување на цената на електрична енергија за околу 5%.
Од ССМ велат дека ако тоа не се спречи ќе следи еден тежок период. Зголемувањето на цената на лебот ќе биде само почеток, објави Телма.
– Тоа значи уште едно обезведренување на минималната и напросечната плата, но и уште едно зголемување на минималната кошница. Доколку се случи ова, ќе има поскапување на сите артикли и сите оние услужни дејности кои што се нормално поврзани со струјата. Така што мислам дека не очекува еден тежок период, но да се надеваме дека ќе се најдат одредени решенија – изјави Љупчо Радовски од ССМ.
Од пред неколку дена, некои видови леб поскапеа за околу 10% поради зголемување на цената на пченицата. Од мелничко-пекарската индустрија ветија дека кога ќе се стабилизира, цената на лебот ќе се врати на старото ниво. Но, од ССМ посочуваат дека ако поскапи струјата, компаниите ќе имаат нов изговор да не го сторат тоа.
Дали ќе поскапи струјата и за колку ќе се знае до крајот на месецов кога ЕВН Хоме ќе ги направи последните пресметки откако ќе ја добие и цената на струјата од последниот тендер за набавка на кој вообичаено се јавува државната ЕСМ и трошоците на останатите енергетски компании кои учествуваат во снабдувањето со струја на домаќинствата.