Шпанија и Шведска денеска ги повикаа руските амбасадори на разговор во врска со смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.
Шпанското министерство за надворешни работи во соопштението наведува дека повикувањето на шеф на дипломатска делегација на една земја е форма на дипломатски протест, кој претходи, во некои случаи, на поостри формули, како што е повикувањето на амбасадорот на таа земја на консултации.
„Ова го направија и други европски земји, како Германија, Финска и балтичките земји“ – се вели во соопштението, пренесено од шпанскиот јавен сервис РТВЕ.
Шведското Министерство за надворешни работи на својата веб-страница соопшти дека „Европската унија мора да преземе акција против политичкото угнетување во Русија“.
– Ова е особено важно поради фактот што на 16 февруари Навални почина во затвор – изјави шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром.
Се додава дека и Шведска презеде иницијатива во ЕУ да ги истражи можностите за воведување нов пакет санкции против Русија, кои се насочени против, како што се наведува во соопштението, „внатрешната репресија“.