На швајцарската метеоролошка служба и требаше рекордно искачување од речиси 5.300 метри за да ја измери ознаката нула Целзиусови степени, соопшти во понеделникот MeteoSuisse, додека во поголемиот дел од земјата беше прогласена тревога за топлотен бран.
„Радио-станицата Пајерн, на северо-источниот дел на Швајцарија, измери ноќта на 21 август 2023 година, изотерма од 0 степени Целзиусови на височина од 5.298 метри, што е највисока од почетокот на мерењата во 1954 година. Швајцарските синоптичари објавија на социјалната мрежа Х, која претходно беше наречена Твитер.
Претходниот рекорд беше измерен на 25 јули 2022 година на 5.184 метри, додава MeteoSuisse.
Температурата се намалува со висината, а висината над која температурата се спушта под 0 степени варира во зависност од годишното време и метеоролошките услови.
„Таа изотерма од нула степени ги одвојува слоевите на воздухот со температури над 0 Целзиусови степени на пониски височини и оние со температури под нулата на повисоки надморски височини“, објаснува метеоролошката служба на својата веб-страница.
Поради големото влијание врз развојот на растенијата, врз границата на снегот и водниот циклус, оваа информација зазема исклучително место во метеоролошката прогноза и игра голема улога во секојдневниот живот на алпската област.
Швајцарија, како и добар дел од Европа, од петокот во моментов е под влијание на топлотен бран со температури кои надминуваат 30 степени на надморска височина и до 800 метри.
Топлотниот бран ќе трае до четврток, а се очекуваат температури и до 37 Целзиусови степени.