Доколку владата ја зголеми само цената на струјата во тарифните блокови 3 и 4 тогаш ќе бидат засегнати само дел од фирмите, како и домаќинствата кои се греат на термо-печки или други грејни тела на струја и ги вклучуваат подолг период на скапа струја, односно дење. За нив струјата ќе биде поскапа. Но, ако се размислува за поместување на границите на тарифните блокови, тогаш ќе настане проблем со опфатот на домаќинствата кои со потрошувачката на струја се на границите на блоковите, велат енергетски експерти по најавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека ќе се прошируваат тарифниот блок 3 и тарифниот блок 4 за да се постигне намалување на субвенционирањето на струјата на 60% следната година.
Битиќи рече дека ова е одговор на препораката на ММФ за проширување на тарифните блокови.
– Со тоа опфатот ќе биде поголем за тие коишто трошат повеќе, а за најранливите категории, за луѓето кои вистински штедат електрична енергија, ќе остане ист тарифен модел, но и цената на електричната енергија т.е. евентуалната промена на цената на електрична енергија да не падне на товар на тие коишто се во првиот и вториот блок, туку кај тие што се во третиот и четвртиот блок, а тоа се поголемите корисници – појасни Битиќи.
Тој не појасни дали се размислува да се поместат границите на тарифните блокови.
Според експертите, најдобро решение на проблемот би било да се оспособат домашните енергетски капацитети да произведуваат доволно струја за задоволување на потребите на регулираниот пазар со сегашните цени на струјата, која ја нуди ЕСМ.
Подобро да поскапи струјата, отколку да се сменат категориите
Професорот Ристо Цицонков смета дека зголемувањето на цената на струјата која би ја плаќале одредена категорија граѓани, односно оние кои влегуваат во повисоките тарифни блокови, е подобро решение од поместувањето на границите на тарифните блокови.
– Ако се зголеми цената на струјата за последните два тарифни блока би биле засегнати домаќинствата кои мораат да се греат на струја, а кои користат термопечки или различни висови на панели и други грејни тела и кои не внимаваат кога ги вклучуваат. Поради ваквите услови на потрошувачка дел од граѓаните кои се на долната или горната граница на тарифниот блок 3 лесно можат да преминат во тарифниот блок 4, а со тоа да плаќаат повисока цена на струјата, ако овие грејни тела ги вклучуваат во периодот на скапа струја, односно дење. Дел од овие домаќинства се со просечни примања, па тоа ќе се одрази на нивниот буџет. Оваа најава, сепак ќе ги засегне повеќето фирмите кои се на регулиран пазар кои работат дење и користат вакви уреди за загревање – вели Цицонков.
Тој не верува дека владата ќе посегне по зголемување на границата на тарифните блокови бидејќи ќе предизвика огромни проблеми.
– Тоа ќе биде голем проблем, бидејќи во тарифниот блок 3 можат да влезат голем број домаќинства кои може да се каже дека се сиромашни и нема да можат да ги плаќаат сметките за струја – додава тој.
Битиќи блефира дека ММФ барала да ги смениме тарифните блокови
Професорот Константин Димитров, за кого најавата дека ММФ реагира околу субвенционирањето на струјата е блеф, и е нејасно што планира конкретно владата во однос на најавата за проширување на тарифните блокови 3 и 4, очекува владата да посегне по граници на тарифните блокови за да го прошири опфатот на домаќинства кои ќе плаќаат поскапа струја.
– Ние не можеме многу да влијаеме на тоа дали ќе се зголеми цената на струјата или ќе се посегне по границите на тарифните блокови, бидејќи ако решиле тоа да го направат, ќе го направат и без оправдувањето кое го користат за тоа – ММФ. Проширување на опфатот на домаќинства кои ќе плаќаат поскапа струја може да значи и симнување на границата на тарифните блокови. Така, границата на тарифниот блок 3 би можела да се спушти на 500 киловати, а на вториот да оди подолу. Така, со поскапа струја би се опфатиле поголем број домаќинства – вели Димитров.
Според него, најдобро решение на проблемот со субвенционирањето на струјата е да се оспособи ЕСМ да ги произведе потребните количини струја по сегашната цена.
– Најдобро е кога нашите производни капацитети би биле оспособени вистински да ја произведуваат струјата по цената која се прикажува – од 57 евра за киловатчас. Но мислам дека во сегашни услови струјата производна во РЕК Битола не може да има цена 70 евра по киловатчас колку што се прикажува, а владата да субвенционира голем дел од цената со пари на граѓаните – вели тој.
Владата сака да ја компензира загубата од бугарските такси на гас
Маријан Ненов од невладината организација „Но пасаран“ смета дека владата се обидува да ја надомести штетата врз буџетот од повисоката такса за гас наметната од Бугарија иако процентот на струја која се произведува од гас во земјава е низок.
– Најверојатно се планира да се спојат тарифните блокови 3 и 4 и тие да плаќаат повисока цена на струјата за да се плати повисоката такса за гас определена од Бугарија. Од гас кај нас се произведува околу 20% од вкупните количини струја која не е од ЕСМ туку од приватна компанија која струјата ја продава на слободен пазар. На тој начин една категорија граѓани кои и не се така богати, ќе бидат принудени да плаќаат повисока цена за струјата од сегашната – вели Ненов.
Минатата година субвенционирањето на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи беше до 80%, а од следната година субвенционирањето се намалува на 60% што произлегува од Законот за енергетика и е препорака на ММФ.
За 2022 и 2021 година Владата му префрли околу 252 милиони евра на ЕСМ за електрична енергија. Просечната месечна потрошувачка на електрична енергија по домаќинство во земјава е под 500 киловат-часови месечно.
Кои се сегашните граници на тарифните блокови?
I ТАРИФЕН БЛОК од 1 до 210 KWh
II ТАРИФЕН БЛОК од 210 до 630 KWh
III ТАРИФЕН БЛОК од 631 до 1.050 KWh
IV ТАРИФЕН БЛОК повеќе од 1.050 KWh
Во тарифен блок 3 сега се опфатени 4% од домаќинствата), а во тарифниот блок 4 се 3% од домаќинствата.