САД се „суштинска нација“ и нема да отстапат од предизвикот на Владимир Путин и Хамас „кои се борат да ја избришат демократијата на својот сосед“, пишува американскиот претседател во колумна за Вашингтон Пост од саботата.
Тој вели дека Американците се суштинска нација затоа што „ние ги собираме сојузниците и партнерите за да им се спротивставиме на агресорите и да напредуваме кон посветла, помирна иднина“.
Рамо до рамо со еднакви можности и слободи
Освен што тој не е за прекин на огнот во Израел „сѐ додека Хамас се држи на својата идеологија“, според неговото мислење, мирот може да биде обезбеден само со решение со две држави.
„Палестинскиот народ заслужува сопствена држава и иднина ослободена од Хамас. И мене ми е скршено срце од сликите од Газа и од смртта на илјадници цивили, вклучително и деца“, истакнува Бајден.
Тој го гледа решението во две држави каде „два народи кои живеат рамо до рамо со еднакви мерки на слобода, можности и достоинство“.
Газа и Западниот Брег под Палестина, но не под терористичка управа
За оваа цели, вели тој, САД предложиле неколку основни принципи.
„За почеток, Газа никогаш повеќе не смее да се користи како платформа за тероризам. Не смее да има присилно раселување на Палестинците од Газа, реокупација, опсада или блокада, ниту намалување на територијата. И откако оваа војна ќе заврши, гласовите на палестинскиот народ и неговите аспирации мора да бидат во центарот на посткризното владеење во Газа“, смета Бајден.
Тој вели дека Газа и Западниот Брег мора повторно да се обединат под палестинската управа, но „ревитализирана“, а не управа на екстремисти.
„Израел дозволи коридори, а Хамас ги користеше цивилите како штит“
Потоа тој вели дека САД се спремни да преземат и некои свои чекори, а тоа е да издадат забрани за виза за екстремистите кои напаѓаат цивили на Западниот Брег.
Тој потсетува дека Израел дозволил создавање два хуманитарни коридори и спроведување четиричасовна пауза дневно за Палестинските граѓани да можат да побегнат на безбедно на југ. Од друга страна, пишува тој, „ова е во остра спротивност со терористичката стратегија на Хамас: скриј се меѓу палестинските цивили“.
Тој ја опишува тактиката на Хамас со следните зборови:
„Користете ги децата и невините како жив штит. Поставете терористички тунели под болниците, училиштата, џамиите и станбените згради. Максимизирајте ја смртта и страдањето на невините луѓе – Израелци и Палестинци. Ако Хамас воопшто се грижи за животите на Палестинците, ќе ги ослободи сите заложници, ќе се откаже од оружјето и ќе ги предаде лидерите и одговорните за 7 октомври.
При крајот на написот, Бајден вели дека треба недвосмислено да ги осудиме и антисемитизмот и исламофобијата, како и сите други форми на омраза и предрасуда.
фото: craiyon.com