Рускиот претседател Владимир Путин ги одобри Основите на државната политика во областа на нуклеарното одвраќање, претседателскиот декрет и самиот текст на документот се објавени во руската верзија на Службениот весник, пренесува РИА Новости.
„Гарантираното одвраќање на потенцијалниот непријател од агресија против Руската Федерација и (или) нејзините сојузници е еден од највисоките државни приоритети. Задржувањето на агресијата го обезбедува целата воена моќ на Руската Федерација, вклучително и нуклеарното оружје“, пишува во документот, пишува Данас.
Основите на државната политика ги вклучуваат следните точки:
– Државната политика во областа на нуклеарното одвраќање е од одбранбен карактер;
– Русија го смета нуклеарното оружје како средство за одвраќање, чија употреба е екстремна и неопходна мерка;
– Одвраќањето на потенцијалниот противник од агресија врз Русија и нејзините сојузници е еден од највисоките државни приоритети;
– Русија може да користи нуклеарно оружје во случај на агресија против себе или Белорусија, што претставува критична закана за територијалниот интегритет;
– Агресијата на која било земја од воената коалиција против Русија или нејзините сојузници се смета за агресија на оваа коалиција како целина;
– Агресијата врз Русија или нејзините сојузници од страна на ненуклеарна држава со поддршка на нуклеарна држава се смета за заеднички напад;
– Русија го задржува правото да користи нуклеарно оружје како одговор на употребата на оружје за масовно уништување против неа или нејзините сојузници;
– Русија спроведува нуклеарно одвраќање против потенцијален противник: држави, блокови и сојузи кои ја сметаат Русија за противник;
– Националната политика за нуклеарно одвраќање има за цел да го одржи потенцијалот на нуклеарните сили на ниво доволно за нуклеарно одвраќање;
– Одржувањето на постојана подготвеност на посебен дел од силите за нуклеарно одвраќање за употреба е вклучено во принципите на руското нуклеарно одвраќање;
– Нуклеарното одвраќање има за цел да обезбеди потенцијалниот противник да ја разбере неизбежноста од одмазда во случај на агресија против Русија;
– Државната политика во областа на нуклеарното одвраќање во воен конфликт гарантира прекин на непријателствата под услови прифатливи за Русија;
– Нуклеарното одвраќање е обезбедено со присуството во вооружените сили на Русија на сили и средства способни да предизвикаат неприфатлива штета на непријателот со нуклеарно оружје.