Ветерната електрана од 415 мегавати, која треба да се гради во општина Старо Нагоричане, сè уште е во фаза на испитување. Тоа требаше да биде најголема енергетска инвестиција во земјава во последниве години, а требаше да ја гради германската компанија „WPD“. За старт на градбата, според она што вчера го изјави заменик-амбасадорот на Германија во земјава Ото Граф, се чека на последниот потпис. Кога инвеститорот ќе го добие овој потпис и до каде се работите од владата засега молчат.
Ветерниот парк кој беше најавен во септември 2021 година, ќе се гради на подрачјето на три општини Куманово, Старо Нагоричане и Крива Паланка и треба да биде готов до 2027 година. Планот треба да се реализира во 3 фази кои треба да бидат завршени во 2025, 2026 и во 2027 година.
Во првите две фази ќе се инсталираат по 150 мегавати капацитет, а во последната 114 што е вкупно 415 мегавати. Поставени ќе бидат 69 ветерни турбини.
Што всушност се случува со проектот?
Од Владата, иако прашавме, не кажуваат ништо. Никакви информации немаат ни две од трите општини во кои ќе се гради ветерниот парк. Само од Старо Нагоричане каде што ќе бидат поставени најголемиот дел од турбините велат дека инвеститорот врши испитувања.
– Далеку сме од почеток на градба на ветерниците и давањето дозвола за градба. Со инвеститорот сме во контакт веќе трета година и од она што го имаме како информација можам да кажам дека сè уште се испитуваат повеќе локации за поставување на ветерниците. Дури потоа ќе се подготвува проектната и урбаната документацијата по што инвеститорот ќе може да бара дозвола за градба. Ова е голема инвестиција и е логично подготовките за неа подолго да траат – вели заменик градоначалникот на општина Старо Нагоричане, Бобан Цветановски.
Дел од ветерниците ќе бидат поставени и во општина Крива Паланка, но инвеститорот, како што велат од таму, уште немал никаков контакт со нив.
– Проектот е најавен пред локалните избори. Не знам дали инвеститорот контактирал со мојот претходник, но со мене и општината сè уште нема контакти, ниту е побарана дозвола за градба – вели Сашо Митовски, градоначалник на Крива Паланка.
Официјални информации за реализација на проектот на територија на општината нема ниту Општина Куманово.
– Како градоначалник не сум добил никаква официјална информација ниту од владата ниту од инвеститорот дека таков проект ќе се гради во општина Куманово. Од она што сум информиран од објавеното во медиумите стекнав впечаток дека овој проект ќе се гради во соседната општина Старо Нагоричане. Но, како и да е, поддржувам еден ваков проект – вели градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.
Заменик-амбасадорот на Германија во државава Ото Граф вчера изјави дека политички е донесена одлука за проектот, но сè уште чекаат на крајниот потпис.
– Доста сме оптимисти дека наскоро ќе го добиеме, но во основа тоа би било навистина најголемата германска инвестиција спроведена некогаш тука и мошне сме заинтересирани за ова. Секојдневно сме во преговори, недостигаат последните детали и во секој случај сме доста оптимисти – рече Граф.
Ветерниот парк ќе замени половина од РЕК Битола
Планирано е ветерниот парк да содржи 69 ветерни турбини кои ќе произведуваат 1.335,95 гигават часови чиста електрична енергија годишно. Инвестицијата на германската компанија „WPD“ е вредна 500 милиони евра. Овој ветерен парк ќе може да замени половина од струјата која сега се произведува во РЕК Битола која е со можност од 700 мегавати.
Ветерниот парк „Вирови“, како што беше најавено, нема да користи никакви повластени тарифи од државата, а со максимална примена и почитување на највисоките еколошки стандарди, ќе снабдува 290.000 домаќинства, ќе ја подобри инфраструктурата и ќе ангажира локални работници и добавувачи.
Германската инвестиција со одлука на Владата е прогласена за стратешка уште во 2021 година.
Компанијата „WPD“, чие седиште е во Бремен, Германија, е една од водечките во светот која произведува енергија од обновливи извори. Таа има поставено ветерни електрани во 28 земји во светот, но повеќето во Европа. Има подигнато 2.400 ветерни турбини, кои произведуваат 5.150 мегавати. Таа поставува ветерни турбини во море и на копно. Проектите што сега ги развива компанијата предвидуваат подигнување ветерни турбини од 12.300 мегавати на копно и 13.800 мегавати во море.
Досега во земјава единствениот парк на ветерници што е подигнат и функционира е оној кај Богданци со моќност од 36,8 мегавати, а уште 43,2 мегавати се во фаза на развој.