Што им остана на домашните бизниси на пазарот на трудот?

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Вкупно 112.733 лица се регистрирани како невработени на крајот на ланската година во државната агенција за вработување. Ова е бројката на која може да смета годинава домашниот бизнис за пополнување на слободните работни места, под услов овие невработени да сакаат да работат и да не планираат да заминат во странство.

Бројката не е мала, но квалификациската и старосната структура на овие луѓе е лоша за бизнисот на кој му треба стручен кадар, а од невработените речиси 70 отсто или 76.042 лица се без образование или со непотполно средно образование. Со средно образование се 27.505, со виша 918, со високо 7.658, а има и 595 невработени магистри и 15 доктори. Најголем дел од невработените се на возраст од 55 до 59 години (17.010), а по нив следуваат оние на возраст од 60 и повеќе години (14.900), па оние од 50 до 54 години (13.914), оние на возраст од 45 до 49 години (13.141).

Анкетите што ги прават бизнис здруженијата покажуваат дека 65 отсто од компаниите се соочуваат со недостиг на работна рака и тоа главно стручен кадар и мал процент на кадар со високо образование.

Според податоците на Државниот завод за статистика, до октомври лани имало вкупно 10.217 слободни работни места и тоа најголем број во компаниите од Скопскиот регион 4.943 и Пелагонискиот регион 1.499. Најмногу работници се барат во услужните дејности и продажбата (3.459), ракувачи и составувачи на машини и постројки (1.612), потоа техничари и сродни занимања (1.445) и со занимања за неиндустриски начин на работа во производството (922).

Економисти  велат дека решение за ваквите диспропорции на пазарот на труд во земјава има, но на него треба да работат државата и бизнисите пред да одлучат за можноста на увоз на кадар од странство како што тоа го прават другите држави. Притоа многу е важно невработените да се натераат да сакаат да работат, со тоа што ќе им се овозможи сигурно работно место и добра плата.

– Структурата на невработените, очигледно, е неповолна за побарувачката на бизнисите, но решенија има. Решение е доквалификација, преку која на одделен број на невработени ќе им се овозможи да се доквалификуваат за работа на работни позиции кои се бараат, но притоа тие да добијат гаранција дека ќе добијат сигурна работа за она за што се доквалификуваат. Решение за проблемот на големиот број необразован кадар е и образованието за возрасни, но и поинтензивен развој на дуалното образование со вклученост на компаниите. Секако, едно од решенијата е и висината на платите, каде што работодавачите можат да преземат активности. На пример, да ги земеме сезонските вработувања. Кај нас сезонците во туристичките сезони се плаќаат пониско од оние во регионот, па работниците не можат остатокот од годината да го преживеат, но ако земаат повисоки плати или ако станат на работа цела година, тие нема да размислуваат да одат во странство – вели економистот Маријанчо Николов.

Според него, крајно решение за проблемот е и увоз на работна рака, но во тој случај голем дел од парите кои би се акумулирале во земјата ќе одат во државите од каде што ќе доаѓаат тие работници.

Бизнисмените, пак, велат дека во услови кога имат избор само необразован и незаинтересиран кадар за работа, решението е во промена на државните социјални политики и увозот на работници од странство.

Крсто Блажевски, претседател на асоцијацијата на хотелиери ХОТАМ која секоја година се соочува со проретчување на кадарот поради одењето на дел од работниците во странство, вели дека апсурдната состојба во земјата да има невработени лица, а компаниите истовремено да немаат работници, е резултат на тоа што голем број од невработените не само што немаат квалификации туку не сакаат да работат или работат на црно.

- Advertisement -
Ad image

– Голем дел од невработените всушност не сакаат да работат бидејќи имаат привилегии од државата како надоместоци за невработеност, а примаат и голема социјална помош која не сакаат да ја изгубат. Така ни се случува во сезоните кога имаме потреба од поголем број работници да се јавуваат вакви луѓе и да бараат да им се плати во кеш, за да го задржат социјалниот надоместок. Тука државата мора да интервенира ако сака да го намали бројот на невработени и на ваквите категории граѓани да им го ограничи времетраењето на државните социјални примања и да ги поттикнува да работат – вели Блажески.

Блажески, како и најголемиот дел од бизнисмените кои се со години се мачат да обезбедат работници, очекува државата да овозможи вработување странци.

Share This Article