Компаниите кои се заинтересирани за градење на хидроелектраната Чебрен ја посетија локацијата на Црна Река во Мариово каде што, според проектот, треба да се гради електраната, информира денеска ЕСМ.
-На терен беа претставници на компаниите кои се квалификуваа во првата фаза. Притоа, имаа можност да извршат извидување на околината, дополнителни мерења и земање примероци од геолошки материјал. Локацијата исто така е слободна за посета од страна на квалификуваните понудувачи, за потребите на проценки и подготовки во пресрет на доставувањето на конечните понуди – информираа од ЕСМ.
Со понудувачите беше одржан и состанок со Комисијата, во согласност со тендерската документација и процедурата за избор на најповолен понудувач.
Од ЕСМ информираа и дека во наредниот период се очекуваат понудите на деветте компании кои ја поминаа првата фаза на квалификација, а до крајот на септември годинава се очекува да се избере компанијата која ќе биде дел од јавно-приватно партнерство со ЕСМ за изградба на хидроелектраната Чебрен.