Со денови се шпекулира дека Лука Модриќ е несреќен во Реал и дека би можел да го смени клубот на 38 години.
Модриќ е критикуван од навивачите и шпанските медиуми, а Карло Анчелоти се помалку го става во стартниот состав. Но шпанскиот Кадена СЕР пишува дека на повидок е голем трансфер, Модриќ би можел да замине во американската МЛС.
Интер од Мајами многу го сака Модриќ, пишуваат Шпанците. Станува збор за клубот во кој настапува Лионел Меси, а се зборува дека Аргентинецот го побарал доаѓањето на Модриќ. Кадена пишува и дека Дејвид Бекам, сопственикот на клубот, долго време е заинтересиран за хрватскиот играч за врска и сака да го донесе во Америка.
„Интер се уште има понуда на маса. Бекам пред еден месец беше во Хрватска и се сретна со Модриќ и изрази желба да дојде во Мајами. Предраг Мијатовиќ потврди дека Модриќ и Бекам биле на вечера“, пишува Кадена.
Сепак, Модриќ тогаш беше заинтересиран само да остане во Реал. Мијатовиќ изјави дека Модриќ имал голема желба да направи нешто на Европското првенство и сакал пред тоа да има уште една силна европска сезона. Модриќ одбил и спектакуларна понуда од Саудиска Арабија.