ЕБУ за влакно го избегна „евровизискиот скандал на сите времиња“ бидејќи, наводно шест земји сакале да се повлечат од големото финале 25 минути пред почетокот на натпреварот, пишува норвешкиот портал ВГ, а пренесува најпознатиот евровизиски портал wiwibloggs.
Имено, ЕБУ наводно избегнал хаос во последните моменти пред финалето благодарение на кризните преговори. ВГ пишува дека шест земји сакале да се повлечат од овогодинешниот избор за песна на Евровизија, а тоа се: Швајцарија, Норвешка, Грција, Португалија, Ирска и Велика Британија. Ова би резултирало со големо финале на 19 земји.
Некои натпреварувачи го потврдиле извештајот на ВГ. Магнус Бормарк, гитаристот на норвешкиот бенд „Gåte“, потврдил дека не присуствувал на пробата за парада на знамето на денот на финалето поради итен состанок со ЕБУ. На таа проба недостасувале и Гркинката Марија Сати, ирската претставничка Бамби Туг и Швајцарецот Немо.
„До последната секунда дебатиравме дали треба да се повлечеме. Многумина од нас реагираа на тоа што на Израел му беше дадена можност да ја користи Евровизија како политички инструмент“, рекол тој.
Магнус додал: „Нашата заедничка точка беше тоа што не сакавме да учествуваме на Евровизија за да биде искористена како дел од израелската воена пропаганда“.
„Се чинеше дека постои еден збир на правила за Израел, а друг за сите други“, рекол Магнус. „Нешто не е во ред кога го доживувате тоа. Уметниците не треба да имаат кризен состанок со ЕБУ“, рекол тој.
Шведскиот весник „Афтонбладет“ објави дека „целиот последен ден станал еден долг кризен состанок“ за ЕБУ и телевизиската куќа домаќин СВТ. Нејасно е за што било преговарано и зошто шесте земји на крајот сметале дека учеството е прифатливо.
Меѓутоа, Швајцарија и Грција ги негираат овие натписи. Зборувајќи за веб-страницата Eurovisionfun, грчката телевизија ЕРТ објави: „Никогаш не сме разговарале или размислувавме да се повлечеме од натпреварот поради која било причина. Наводите се неточни барем што се однесува до Грција“.
Слично зборува и шефот на швајцарската делегација Ив Шиферле.
„Немаше дискусија за повлекување на швајцарската делегација од натпреварувањето“, изјавил тој за „Блик“. Поради неговата изјава, се смета дека уметниците, а не делегациите, вршеле притисок да се повлечат. Кога од „Шпигел“ го прашале Немо (швајцарскиот претставник кој победи на Евровизија) за повлекување од финалето, тој одговорил: „Мислам дека нема корист да се зборува за тоа во овој момент“.