Откако им наложи на производителите на леб да го продаваат по цена до 33 денари, Државниот пазарен инспекторат викендов извршил над 250 контроли и констатирал прекршувања во шест случаи за што изрекол казни во висина од над 960.000 денари.
„Она што е утврдено од надзорите и контролите е дека поголем број од трговците ги почитуваат одлуките на Владата. Лебот се продава од 28 до 33 денари во зависност од тежината и градот во кој се вршени надзорите и контролите, a трговците на големо и мало со прехранбени производи, генерално, ја почитуваат обврската да го произведуваат и да го ставаат во промет лебот опфатен со одлуката на Владата во количина од најмалку 80% од производството на овој леб во декември 2022 година“, информираат од ДПИ.
Оттаму додаваат дека биле констатирани прекршувања, по што се издадени вкупно 6 прекршочни платни налози, и тоа во висина од над 960.000 денари.
„Државниот пазарен инспекторат и понатаму интензивно ќе спроведува контроли и надзори по одлуките на Владата. Нема да има отстапувања и ќе биде казнет секој оној што се обидел на каков било начин да изврши прекршување на овие одлуки“, информираат од Инспекторатот.
Од ДПИ беше упатен апел до трговците да ги адаптираат цената и доставата на лебот во согласност со одлуките бидејќи во спротивно ќе се соочат со казни, кои се многу високи и изнесуваат од 800 до 10.000 евра во зависност од големината на економскиот субјект, а во надлежност со Законот за трговијата.