Поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска во изјава за ТВ21 целосно ги отфрла наводите дека таа е кандидатот од СДСМ за претседател на државата.
-Ниту сум била, ниту ќе бидам, на сите тоа им е јасно – изјави Шеќеринска.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во дебатнниот магазин „Клик Плус“ на ТВ21 вечерва изјави дека слушнал гласини дека токму Шеќеринска ќе биде изборот на СДСМ за кандидат за претседател.
– Последната информација што ја добив е дека на едно место, пред некој ден кажал дека Радмила Шекеринска ќе била сега кандидат за претседател. Имајќи предвид дека Шеќеринска како претседател на СДСМ го има до сега убедливо најслабиот изборен резултат кој што го имала СДСМ, кој што според мене на следните избори ќе биде многу посакуван од СДСМ, бидејќи тие ќе одат многу подолу од тој резултат – вели Мицкоски.
Изборната кампања за претседателските избори ќе се одвива од 4 до 22 април. Првиот круг од гласањето за претседател ќе биде на 24 април, а вториот круг на 8 мај заедно со парламентарните избори.