Стратешките резерви и економијата на Русија би можеле да „пресушат“ до 2025 година, тврди шефот на украинската воено-разузнавачка служба, Кирило Буданов. Во интервју за британски Економист Буданов одбил во детали да ја коментира украинската контраофанзива со зборовите „факти, а не дискусија“. Но, за Руската Федерација и нејзиното снабдување со оружје вели:
– Протокот на оружје ќе пресуши во 2025 година, а можеби и порано – вели Буданов.
Оружјето ќе им секне, но не и луѓето
Тој сепак признава дека бројот на луѓе е „единствената очигледна предност што Русија сè уште ја има во однос на Украина“.
– Човечките ресурси во Русија се, релативно кажано, неограничени. Квалитетот е низок, но количината е доволна – смета генералот и полковник Буданов.
Тој ја спомна и неодамнешната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
– Ако сѐ е во ред и Русија има доволно ресурси, зошто ги бара низ целиот свет? Одговорот е очигледен, нема што да се исцрпи повеќе – тврди Буданов.
Оружјето не е загарантирано ниту за Украина
Тој признава и дека Киев ризикува да ги загуби сопствените ресурси.
– Ние сме зависни од надворешни играчи. Русија најмногу зависи само од себе – објаснува тој.
Според Буданов долгата војна е опасна за Украина, бидејќи не само што ги исцрпува домашните ресурси, но и пријателите на Украина од Западот.
– Сè уште е апсолутно неизвесно колку долго Западот ќе може да одржува доволно количества ресурси за нас. Магацините во западните земји не се целосно празни, што и да каже некој – подвлекува Буданов.
Затворањето на аеродромите во Русија станува секојдневие
Првиот човек на украинското разузнавање смета дека има уште еден месец до есенските дождови кои, според аналитичарите, би можеле да ја забават контраофанзивата.
Тој посочува дека има три главни цели за новата кампања на Украина со беспилотни летала против Русија: истрошеност на руските системи за противвоздушна одбрана, оневозможување на воениот транспорт и оштетување воено производствени капацитети.
– Сакаме да ги извадиме од нивната комфорна зона. Секундарната цел е психолошка, уништување на чувството за мир меѓу населението и нарушување на нормалните економски процеси во Русија. Затворањето на главните аеродроми во Санкт Петербург и Москва, на пример, стануваат речиси секојдневна појава – истакнува Буданов.